Поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, неправосилно е осудена на две години затворска казна откако Основниот кривичен суд во Скопје ја прогласи за виновна за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пресудата, Димова е задолжена да ја надомести штетата на Националната агенција во износ од 22,7 милиони денари во рок од шест месеци. Дополнително, таа треба да ги покрие судските трошоци и да плати судски паушал од 10.000 денари.
Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска ја ослободи Димова од обвинението за Измама, а ослободителна пресуда доби и третообвинетата Ана Павлиду за кривичното дело Несовесно работење во службата.
Во образложението на пресудата, судијката наведе дека во делот за измама на штета на европските фондови не бил јасно опишан начинот на извршување на делото.
„Без вакви елементи недостига основ на делото измама и судот беше спречен објективно да оцени дали обвинетата пропуштила и дала невистините податоци и со тоа предизвикала штета на фондови на ЕУ. Судот во тој дел беше должен да донесе ослободителна пресуда“, изјави Јанчулева Михаиловска.
Според обвинението поднесено во јуни 2022 година од обвинителката Сузана Мирческа Кузмановска, Димова во периодот од 2018 до 2020 година ја злоупотребила својата службена положба. Таа постапила спротивно на Законот за јавни набавки и без јавен конкурс склучувала договори со надворешни соработници, овозможувајќи им противправна имотна корист и предизвикувајќи штета од 2,8 милиони денари на европските фондови.