Рано утрово во Скопје почина академик Глигор Чемерски, еден од најзначајните современи македонски уметници. Тој е сликар, графичар и мозаичар. Остварил повеќе монументални дела во Скопје, Вруток, Кавадарци и во Кочани, каде што Споменикот на слободата има мозаични фризови од 320 квадратни метри.
Имаше 76 години.
Во март, 2014 Чемерски во Москва беше инаугуриран за почесен член во Руската академија на уметностите, една година откако тој стана член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Изложбата на слики со која се претстави во Москва „Скопје – Москва- Скопје: Настани и знаци на земјата МАКЕДОНСКА“, лани беше поставена и во МАНУ и тоа беше неговата последна поставка.
Чемерски се смета за уметник „што ја создаде живата Византија во Македонија, човек што создава декоративен космос и оперира низ столетијата“. Во своето портфолио има преку 60 самостојни изложби ширум светот.
Роден во 1940 година во Кавадарци. Се образувал во Скопје, Белград и во Париз: Академија за ликовна уметност и постдипломски студии завршил во Белград во 1965 година, а како стипендист на француската влада во 1969-1970 година престојува во Париз. Оттогаш често престојува и работи во Париз. Последните години е еден од постојаните сликари на Galerie du Fleuve во Париз. Од 1959 година до крајот на шеесеттите години интензивно се занимава и со ликовна есеистика како еден од застапниците на уметничката слобода и интелектуалната победа на повоената модерна. Антологиски есеј му е „Жива Византија“, 1977 година. Други студиски престои: Египет, Грција, Италија, Шведска, САД.
Од 1962 година, кога првпат самостојно изложува во Скопје, следуваат триесетина индивидуални изложби во Охрид, Струмица, Кавадарци, Белград, Загреб, Будва, Александрија, Париз, Хаг, Вашингтон, Вилмингтон, Феетвил. Македонското и југословенското сликарство во периодот до 1991 година ги претставувал во Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Дубровник, Пореч, Париз, Рим, Александрија, Истанбул, Софија, Прага, Грац, Букурешт, Москва, Мадрид, Копенхаген, Мексико Сити, Њујорк, Хаг, Даблин, Белфаст, Глазгов… За своето сликарско гворештво добил голем број најзначајни признанија и награди од кои последната е Гран при на третиот „Зимски салон“ во Скопје, 1994 година.