Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе разговара со комесарот Оливер Вархеjи во врска со обвинувањата за унгарска шпионажа, но ја отфрли можноста за негова суспензија во оваа фаза.
Европската комисија во четвртокот соопшти дека ќе ги испита извештаите во кои се тврди дека владата на премиерот Виктор Орбан распоредила разузнавачи во Брисел за да собираат информации за институциите на ЕУ и да регрутираат функционер на Унијата.
„Засега, ова се само наводи“, изјави портпаролката на Комисијата, Паула Пињо, на прашањето дали унгарскиот комесар ќе биде суспендиран додека трае истрагата на извршната власт на ЕУ.
Според заедничката истрага на германски „Шпигел“, белгискиот весник „Де Тајд“ и унгарскиот „Директ36“, унгарски разузнавачи маскирани како дипломати се обиделе да се инфилтрираат во институциите на ЕУ во периодот кога Вархеjи бил амбасадор на Унгарија во ЕУ.
Пињо рече дека Комисијата ги сфаќа наводите „многу сериозно“, со оглед на нивните импликации за безбедноста и интегритетот на операциите на ЕУ, и потврди дека Фон дер Лајен има намера да разговара за ова прашање директно со Вархеjи.
„Таа сè уште немала прилика да го стори тоа, но тоа ќе се случи во најбрз можен рок“, рече портпаролката.
Комисијата, исто така, најави планови за формирање внатрешна работна група за проценка на обвинувањата. Иако одлуката за формирање на групата е донесена, нејзиниот состав и мандат сè уште се дефинираат, изјави друг портпарол, Балаж Ујвари.