Со марш во центарот на Скопје, активистките од платформата за Родова еднаквост го одбележаа 8 март – Мeѓународниот ден на жената, и порачаа дека без родова еднаквост и без почитување на женските права македонското општетсво никогаш нема да биде демократско.
Со извикување на паролите „Не сакаме цвеќе, сакаме плата“ и „Не сакаме тава, сакаме права“, тие маршираа од плоштадот Карпошово востание, преку Камени мост, плоштад Македонија, се до паркот на Жената борец.
„Денешниот настан го организираме за да ја покажеме нашата загриженост за влошените женски права во државата. Во последните години состојбата на жените во Македонија се влошува и тоа се покажува преку влошената економска состојба, односно зголемената економска неактивност на жените, нееднаквоста на платите, највисока смртност на доенчиња во Европа, како и недостатокот на минимални сервиси за жртви на родовото насилство“, рече Снешка Илиќ, од платформата за Родова еднаквост.
Таа објасни дека со овој марш сакаат да привлечат внимание и да се подигне јавната свест дека мерките што ги преземаат институциите во последните години во Македонија, директно влијаат да се влоши позицијата на жените во земјава.
„Сакаме да им дадеме до знаење на политичарките и на политичарите дека без родова еднаквост и без женски прави, нашето општество никогаш нема да биде еднакво и демократско. Остануваме тука и нема да дозволиме во 21. век жените во Македонија да бидат маргинализирани и дискриминирани“, рече Илиќ.
Љуљета Адеми, од платформата за Родова еднаквост, која ја сочинуваат 22 граѓански организации рече дека одлучиле на овој начин да го одбележат Меѓународниот ден на жената, а не како што е вообичаената практика да се оди по ресторани, бидејќи така се губи суштината на празникот, со кој се одбележува борбата и жените да ги имаат основни човекови права, кои се ратификувани со меѓународните конвенции.
„Ова е ден за обележување на борбата која е досега реализирана, која нашите пратетки и прамајки ја спроведоа досега и е ден за протест за дополнително унапредување на позицијата на жената во нашето општество. Ние сме многу далеку од рамноправна позиција во ова општество. Тоа е покажано во сите меѓународни извештаи, во нашите национални извештаи и во извештаите на граѓанските организации. Жената не е еднаква на работното место, жената не е еднаква во домот, жената нема еднаков пристап до здравствена заштита, нема еднаков пристап до образование како останатите членови на ова општество“, рекоа активистките од платформата за Родова еднаквост.