„ЖИВОТИТЕ ВО ФАВЕЛИТЕ СЕ ВАЖНИ“, ИЛЈАДНИЦИ НА ПРОТЕСТ ВО РИО ПО НАЈСМРТОНОСНАТА ПОЛИЦИЈСКА АКЦИЈА ВО ИСТОРИЈАТА

    „ЖИВОТИТЕ ВО ФАВЕЛИТЕ СЕ ВАЖНИ“, ИЛЈАДНИЦИ НА ПРОТЕСТ ВО РИО ПО НАЈСМРТОНОСНАТА ПОЛИЦИЈСКА АКЦИЈА ВО ИСТОРИЈАТАНајмалку 121 лице, меѓу кои и четворица полицајци, беа убиени во вторникот за време на полициската рација во Комплексо да Пења и Комплексо до Алемао, две големи фавели во северниот дел на Рио. (Фото: Гардијан)

    Илјадници демонстранти се собраа во фавелата во Рио де Жанеиро, која неделава беше погодена од најсмртоносната полициска операција во бразилската историја, барајќи истрага за убиствата и крај на безбедносните политики кои ги претворија работничките населби во „воени зони“.

    Најмалку 121 лице, меѓу кои и четворица полицајци, беа убиени во вторникот за време на полициската рација во Комплексо да Пења и Комплексо до Алемао, две големи фавели во северниот дел на Рио. Операцијата го привлече светското внимание откако десетици тела беа оставени на влезот на една од фавелите.

    Демонстрантите, главно облечени во бело, се собраа на фудбалското игралиште во населбата Вила Крузеиро за да го осудат насилството и да побараат смена на десничарскиот гувернер на Рио, Клаудио Кастро, кој ја наредил офанзивата. Една жена носеше бразилско знаме преку рамениците, обоено со црвена боја што симболизира крв.

    „Не сакаме Рио де Жанеиро во крв. Мораме да ја запреме оваа крв што се пролева во Рио де Жанеиро. Ниту една мајка не сака да го види својот син како лежи на земја, изрешетен со куршуми“, изјави демонстранката Раимунда Леоне за локалната новинска агенција „Воз дас Комунидадес“.

    Додека групата се движеше низ улиците со видливи траги од куршуми, извикувајќи пароли, беше подигнат транспарент на кој пишуваше: „Животите во фавелите се важни“ (Favela Lives Matter).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира