ДЕЈАН ДУКОВСКИ ЌЕ БИДЕ АВТОР ВО ФОКУС НА ЈУБИЛЕЈНОТО ИЗДАНИЕ НА ТЕАТАРСКИОТ ФЕСТИВАЛ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“ ВО ПРИЛЕП

    ДЕЈАН ДУКОВСКИ ЌЕ БИДЕ АВТОР ВО ФОКУС НА ЈУБИЛЕЈНОТО ИЗДАНИЕ НА ТЕАТАРСКИОТ ФЕСТИВАЛ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“ ВО ПРИЛЕПСо повеќе од сто и педесет евидентирани премиерни изведби на своите драми на сцените низ светот, Дуковски е најизведуваниот македонски автор надвор од Македонија. (Фото: Д. Атанасоски)

    Драматургот Дејан Дуковски, еден од најизведуваните македонски драмски автори ќе биде Автор во фокус на 60. јубилеен Македонски театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Фестивалот ќе се одржи од 12 до 19 јуни 2026.

    Фестивалот ќе му посвети ден на авторот во кој со различни содржини ќе биде потенцирана важноста на Дуковски за македонската театарска меморија и култура.

    Со повеќе од сто и педесет евидентирани премиерни изведби на своите драми на сцените низ светот, Дуковски е најизведуваниот македонски автор надвор од Македонија. Освен драмски текстови, Дуковски е автор и на сценарија и драматург.

    Дипломирал на Отсекот за драматургија на Факултетот за драмски уметности, Скопје, во класата на Горан Стефановски, во 1990. Од 2015 работи како драматург во Македонски народен театар (МНТ) Скопје.

    Според информациите од МНТ, „Буре барут“ е најпоставуваниот драмски текст на Дуковски, кој покрај праизведбата во МНТ (1994) е изведен и на уште деветнаесет сцени и на речиси толку јазици, меѓу кои и во Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Германија, Данска, Холандија, Шведска, Јапонија, Бугарија, Турција.

    Според сценариото на „Буре барут“ е снимен игран филм во режија на Горан Паскаљевиќ, копродукција на куќи од Македонија, Франција, Германија, Турција, Југославија и од Грција. Филмот учествуваше на познати светски фестивали и ги доби наградите на ФИПРЕСЦИ – награда од критиката на Фестивалот во Венеција (1998); Награда на Европската асоцијација на критичарите (Лондон, 1998); Гран при на Фестивалот во Анталија, Турција (1998); „Бронзена камера 300“ на „Браќа Манаки“ (Битола, 1998); Гран при на фестивалот во Хаифа (Израел, 1999).

    Сите негови текстови се преведени на многу јазици и повеќекратно се наградуван. Изведени се на осумнаесет јазици, на повеќе од сто сцени во светот од кои во Македонија 20, а останатите во другите земји.

    Добитник е и на награди за најдобар современ драмски текст на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ Прилеп, за драмските текстови „Балканот не е мртов“ (1993) и „Буре барут“ (1995) и на Гран при на меѓународниот театарски фестивал БИТЕФ за драмскиот текст „Маме му ебам кој прв почна“ (Белград, 1997).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира