Десет пациенти биле непотребно упатени или непотребно оперирани за кардиохируршки и кардиолошки интервенции во здравствените институции низ земјава, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција во Владата, заедно со членовите на стручната комисија при Министерството за здравство. Алиу на крајот на август ја формираше Комисијата откако кардиохирурхот д-р Сашко Кадев обвини за непотребни операции во приватното здравство.
Министерот кажа дека пристигнале 25 случаи, а Комисијата одлучила шест да бидат препратени во Државнииот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи не биле нивна надлежност. Од останатите 19, кај 10 било утврдено дека се непотребно упатени или непотребно оперирани.
Претседавачот на Комисијата, д-р Жарко Христовски, кажа дека ова е прелиминарен извештај, не е конечен, и дека во втората фаза заедно со експерти од странство ќе одат да ја анализираат работата на сите институции низ земјава кои вршат кардиоваскуларни интервенции.
Според него, не е етички коректно нитиу правно издржано во оваа фаза да се открие за кои институции станува збор и каква била состојбата на пациентите.
Интерната комисија е составена од врвни екперти во областа, правници и економисти, меѓу кои д-р Васил Папестиев од Клиника за кардиохирургија, д-р Билјана Зафировска и д-р Иван Василев од Клиника за кардиологија, д-р Мишел Андонов и д-р Илир Вела од Клиника за торакална и васкуларна хирургија, д-р Ненси Лозанче од Клиничка болница Битола, д-р Валон Асани од Клиничка болница Тетово, д-р Никола Христов од Клиника „Жан Митрев“, д-р Жарко Христовски од „Аџибадем Систина“, како и претставници од ФЗОМ д-р Ана Митевска и д-р Жаклина Крстевска, Стефанка Петковска, правник и претставници од Министерство за здравство д-р Александар Митов, Стојанчо Стојковски и Бахар Љама.
Во август, Министерството за здравство испрати допис до јавните здравствени установи да достават податоци за вкупниот број извршени процедури и операции за периодот јануари 2022-август 2025 година за извршени интервентни кардиолошки процедури, како што се коронарографии и стентирања, васкуларни ангиографии и кардиохируршки/васкуларни операции.
Комисијата беше формирана по изјавата на кардиохирургот д-р Кедев во интервју за Канал 77, дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и непотребни стентирања и операции. Тој не спомна по име ниедна болница. По изјавата, приватната болница „Аџибадем Систина“ побара од него да прецизира за која установа се однесуваат овие тврдења, предупредувајќи дека ако тоа не го стори, ќе поднесе тужба за клевета и нарушување на угледот.
Кедев на 20 август објави дека добил најава за тужба од „Аџибадем Систина“, и кажа дека дека тоа ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство.
„Најголем дел од мојата консултативна работа е да ги одвратам луѓето од непотребни интервенции. Се соочуваме со непотребни постапки во приватни установи, кои се профитно ориентирани. Имаме докази дека одредени центри би требало да се затворат од медицински аспект“, изјави Кедев.
- 13 ПРИЈАВИ ЗА НЕПОТРЕБНИ ОПЕРАЦИИ СТИГНАЛЕ ДО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО, СТРАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЌЕ ДОЈДАТ ПОСЛЕ ИЗБОРИТЕ, РЕЧЕ АЛИУ
- МИНИСТЕРОТ АЛИУ ФОРМИРАШЕ КОМИСИЈА КОЈА ЌЕ ГИ ПРОВЕРУВА НАОДИТЕ НА КАРДИОХИРУРГОТ КЕДЕВ ЗА НЕПОТРЕБНИ ОПЕРАЦИИ ВО ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВО
Б. НЕСТОРОСКА



