Новогодишна латино-музичка идила, вели пијанистот Симон Трпчески за Новогодишниот концерт на 20 декември во Скопје, со кој ќе прослави 25 години кариера. Концертот на пијанистот со светска кариера го организира „Прагма продукција“ во соработка со Националната опера и балет (НОБ), а ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“.
На концертот ќе диригира Сашо Татарчевски, а ќе настапи ансамблот „Македонисимо“, Оркестарот на НОБ, концерт-мајсторот на Оркестарот Климент Тодороски, како и уште неколку гости кои се најавуваат како изненадување. Во првиот дел од концертот ќе се изведат дела од композитори од Латинска Америка, како и дела инспирирани од Латинска Америка, а во вториот дел македонски дела во аранжман на Панде Шахов, кој ќе дојде од Лондон за концертот.
Зборувајќи за програмата, рече дека му се исполнува желба да свири дела од латиноамерикански композитори кои не се изведуваат често кај нас, а секако вториот дел ќе биде посветен на македонското дело.
„За овие 25 години посетив 52 држави. Кога ќе ме прашаат што би им порачал на младите, секогаш велам дека до успех се стигнува со многу работа, посвета и верба. Никогаш не сум направил компромис кога станува збор за апсолутно професионална обработка на дело и апсолутна професионална организација“, кажа маестро Трпчески.
Пијанистот, кој преку цела година настапува низ светоот, кажа дека секогаш е поинакво чувството кога се свири дома, поголема и одговороноста, и дека е тоа е чувство кое го разбираат уметниците.
Трпчески одржа полн концерт лани пред Нова година во истата сала, свирејќи новогодишна и божиќна музика со неколкумина гости, меѓу кои и неговата ќерка Лара и Андријана Јаневска.
Б. НЕСТОРОСКА



