НАМЕСТО ДОСЕГАШНАТА ПРАКСА НА ДОНАЦИИ НА ТЕХНИКА, ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА КАКО ВРХОВЕН КОМАНДАНТ НА АРМ ВО ВЕЛЕШКАТА КАСАРНА ПОДАРИ СТОТИНА КНИГИ БЕЛЕТРИСТИКА

    НАМЕСТО ДОСЕГАШНАТА ПРАКСА НА ДОНАЦИИ НА ТЕХНИКА, ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА КАКО ВРХОВЕН КОМАНДАНТ НА АРМ ВО ВЕЛЕШКАТА КАСАРНА ПОДАРИ СТОТИНА КНИГИ БЕЛЕТРИСТИКАПретседателката вели дека Армијата ужива најголема доверба кај граѓаните токму поради почитувањето на редот и поредокот. (Фото: СДК.МК)

    Наместо вообичаената донација на техника и телевизори, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на врховен командант на АРМ, при посетата на велешката касарна „Алексо Демниевски-Бауман“ на припадниците на АРМ и на Командата за обука и доктрина им подари стотина книги белетристика. Традиционално, со децении наназад, претседателите на државата во својство на врховен командант на Армијата, на првиот ден од Новата година посетуваат некоја воена единица во земјата.

    „Книгите се мојот живот, нема поголем пријател од книгата. Учените луѓе и луѓето кои читаат се толерантни. Ќе ве насмеам, јас дури подарувам книги и на свадби. Знам дека е чудно, но тоа личи на мене и сметам дека тоа е најкорисно во нивниот живот“, кажа Сиљановска-Давкова. Таа ја најави и реконструкцијата на Домот на АРМ во Скопје, каде што е сместена воената библиотека.

    „Имаме многу читатели. Освен припадниците на АРМ, тука се и членовите на нивните семејства кои бараат нови и атрактивни наслови. Богати сме со стручна литература, но имаме потреба и од белетристика. Благодарам за оваа донација“, рече Каролина Петреска, началник на Централната воена библиотека во Скопје.

    Претседателката вели дека Армијата ужива најголема доверба кај граѓаните токму поради почитувањето на редот и поредокот.

    „Во Армијата владеат поинакви правила отколку во политиката, образованието или науката. Тука постојат хиерархија, субординација и почитување на одлуките. Армијата е многу успешна приказна“, кажа Сиљановска-Давкова.

    Во однос на политичките прилики и приближувањето на Македонија кон ЕУ, таа потенцираше дека процесот ќе зависи и од состојбите во Европа. Таа додаде дека никој не се надевал, ниту верувал дека во 21. век ќе има војна, како и двојни стандарди во третирањето на жртвите, во време кога се маргинализираат ОН и меѓународното право.

    Претседателката имаше обраќање и пред новите 300 професионални војници на АРМ, кои кон средината на јануари ќе дадат свечена заклетва.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира