КАЈ ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ИМА 12.000 ПОМАЛКУ ВОДНИ ПТИЦИ ОД ЛАНИ, ВО ПРЕСПА ПОРАСТ ЗА 4.000, ВО ДОЈРАН ЗА 2,000, ПОКАЖА ЗИМСКИОТ ПОПИС НА МАКЕДОНСКОТО ЕКОЛОШКО ДРУШТВО

    КАЈ ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ИМА 12.000 ПОМАЛКУ ВОДНИ ПТИЦИ ОД ЛАНИ, ВО ПРЕСПА ПОРАСТ ЗА 4.000, ВО ДОЈРАН ЗА 2,000, ПОКАЖА ЗИМСКИОТ ПОПИС НА МАКЕДОНСКОТО ЕКОЛОШКО ДРУШТВОСпоредено со податоците од претходните пет години, промените на Охридското Езеро се најдинамични, додека на Преспанското Езеро се бележат флуктуации, а популациите на птици на Дојранското Езеро, иако мали, се стабилни, велат од МЕД. (Фото: МЕД)

    Најдинамични промени има кај популацијата на водни птици на Охридското Езеро, покажува зимскиот цензус на трите природни езера во земјава спроведен од Македонското еколошко друштво (МЕД). Според објавените податоци, на Охридското Езеро од една во друга година понекогаш се случуваат промени од повеќе од 15 илјади единки. Во последните шест години, најмалку водни птици имало во 2024, само 11.140, а во 2025 имало 26.704 или над 15.000 повеќе. Зимското пребројување кое заврши деновиве покажа дека, за разлика од претходниот пораст, сега има пад од скоро 12.000 единки, односно во 2026 се преброени 14.744 водни птици.

    „Споредено со податоците од претходните пет години, промените на Охридското Езеро се најдинамични, додека на Преспанското Езеро се бележат флуктуации, а популациите на птици на Дојранското Езеро, иако мали, се стабилни. Причините за промените ќе се утврдуваат откако ќе се разгледаат сите фактори што би можеле да влијаат, и тоа во контекст на пребројувањата од другите европски земји“, вели Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во МЕД.

    За разлика од Охридското, кај Преспанското Езеро бројот на водни птици бележи пораст. И таму најмалку имало во 2024 – само 6.133, во 2025 бројот стигнал до 10.233, а годинава 14.364, или околу 4.000 повеќе. Пораст од околу 2.000 птици годинава се бележи и кај Дојранското Езеро.

    Од МЕД соопштија дека над 35.300 единки од 44 различни видови водни птици биле попишани за време на зимското пребројување на трите природни езера во Македонија. Пребројувањето се врши секој јануари од 2010, како дел од Меѓународниот зимски цензус.

    Птиците се биолошки индикатор за состојбата на живеалиштата кои ги населуваат и користат. Преку зимското пребројување, што се случува синхронизирано во илјадници влажни живеалишта низ светот, се бележи нивното присуство или отсуство и нивната бројност. Притоа, се користат стандардизирани методи за да можат научниците и природозаштитниците да ги следат долгорочните трендови на популациите, да ја проценат меѓународната важност на поединечни водни подрачја и да детектираат промени во состојбата на водните подрачја поради губење на живеалишта, промени во водните режими, загадување и климатски промени.

    „На овој начин се обезбедуваат цврсти докази кои треба да се земат предвид при креирањето на политиките и мерките за заштита. Вака собраните податоци се корисни и за клучните меѓународни рамки, како што се Рамсарската конвенција за влажни подрачја, Африканско-евроазискиот договор за водни птици (AEWA), директивата на ЕУ за заштита на дивите птици и глобалните индикатори за биодиверзитет, затоа што обезбедуваат една од најсилните долгорочни бази на податоци за биодиверзитет на глобално ниво и претставуваат суштински важен систем за рано предупредување за влошување на состојбата на водните живеалишта, а со тоа и на биодиверзитетот“, вели Узунова.

    Од 1967 година до денес, со зимските пребројувања се посетени над 67.000 влажни живеалишта во 189 земји и територии, почнувајќи од крајбрежните области на Северна Европа до тропските речни устија во Азија и Африка. На овој начин досега се евидентирани речиси 2 милијарди птици и идентификувани се илјадници водни живеалишта од меѓународно значење.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира