Еден од првите луѓе во Велика Британија на кои им беше вграден мозочен чип на Илон Маск вели дека се чувствува магично и верува дека ова би можело да го трансформира животот на луѓето кои имаат сериозна парализа.
„Огромна промена во животот е кога одеднаш повеќе не можете да ги движите екстремитетите. Овој вид технологија ви дава нова надеж“, рече Себастијан Гомез-Пена, волонтер во првото британско тестирање на уредот развиен од компанијата „Неуралинк“.
Себ штотуку го завршил првиот семестар на медицинскиот факултет кога по несреќа останал парализиран од вратот надолу. Тој е еден од седумте лица на кои им бил вграден чипот во британското испитување, чија цел е да ги процени безбедноста и сигурноста на уредот.
Чипот „неуралинк“, кој е поврзан со 1.024 електроди имплантирани во неговиот мозок, бил вграден во петчасовна операција во Универзитетската болница во Лондон. Иако биле вклучени британски хирурзи и инженери од „Неуралинк“, самиот уред бил вграден од специјално развиен робот на компанијата.

Себастијан Гомез-Пена е еден од седумте лица на кои им бил вграден чипот во британското испитување (Фото: Скај)
Електродите биле вметнати околу четири милиметри во површината на мозокот на Себ, во регионот што ги контролира движењата на рацете. Нервните сигнали се пренесуваат преку нишки околу 10 пати потенки од човечко влакно до чипот, кој е поставен во дупка во черепот на Себ. Податоците од чипот се испраќаат безжично до компјутер, чиј софтвер за вештачка интелигенција „учи“ да ги толкува електричните сигнали на неговиот мозок.
„Неверојатно е, можете да го видите нивото на контрола што го има“, рече Харит Акрам, неврохирург и главен истражувач на испитувањето во Велика Британија.
На „Неуралинк“ му беа потребни речиси 20 години за да ги развие технологијата за чипови и електроди, хируршки робот и потребните алатки за вештачка интелигенција. Првиот уред беше вграден во американски волонтер пред две години, а сега го имаат 21 лице во САД, Канада и Велика Британија и еден во Обединетите Арапски Емирати. Сите имаат тешка парализа од разни причини.
Резултатите од испитувањата сè уште не се објавени во научни списанија или доставени до регулаторите. Сепак, според Акрам, првичните резултати се ветувачки.
„Оваа технологија ќе биде пресвртница за пациентите со тешка невролошка попреченост“, рече тој.



