Крстосницата на улицата 11 Октомври од центар кон Кисела Вода и „Тутунски комбинат“ од три доби две ленти. Пред Град Скопје да почне со реконструкција овој дел имаше три ленти, две за прво кон Рампа и една за лево, за возилата кои преку „Тутунски комбинат“ одат кон Аеродром. Сега овој дел е стеснет бидејќи е изведена жардиниера и има две ленти.
Станува збор за една од најфреквентните крстосници во градот, каде секој ден има гужви и колони возила. Сега откако се направија само две ленти гужвите се уште поголеми и колони возила има дури до крстосницата кај Црвен крст.
Од Град Скопје не добивме одговор на нашето прашање зошто со реконструкција е скратена една лента.
Овој дел почна да се реконструира на 1 февруари како дел од проектот за проширување на улиците за влез во подземната сообраќајница на „Лимак“ на Јужен булевар. Тогаш градоначалникот Орце Ѓорѓиевски рече дека градежните работи ќе завршат за три месеци, но на терен уште се работи.
Станува збор за правата фаза од вкупно четири фази која всушност е најлесна во целиот проект бидејќи предвидува само проширување и реконструкција на асфалтот на постојните улици. Проектот го опфаќа булеварот Борис Трајковски кај Рампа, улицата 11 Октомври, улицата Пролет, како и крак од булеварот Македонија. Во оваа етапа се предвидува и проширување на улицата Пролет во правец од „Тутунски комбинат“ до полициската станица Пролет со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три острови во форма на солза.
На потегот од улицата Пролет кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот Борис Трајковски ќе се воведе еднонасочен сообраќај.
Изградбата на првата фаза чини 77 милиони денари или 1,2 милиони евра, а градежните работи ќе ги изведува фирмата „Ленди груп“ од Скопје.
А. АНТЕВСКА



