Кандитатот за заменик министер за одбрана, Беким Максути, кој е дел од списокот на ДУИ за нови кадри во Владата од оваа партија, го нема во предлогот за избор на нови министри и заменици министри што премиерот Емил Димитриев го доставил до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, јави МЕТА.
Ова може да се види во официјалниот документ доставен од Владата до Собранието, објавен на интернет-страницата на законодавниот дом, во материјалите за денешната седница.
Шпекулациите се дека Максути е предлог со кој не се согласува ВМРО-ДПМНЕ, а како причина се наведува тоа што тој во 2012 година, заедно со тогашниот министер за одбрана Фатмир Бесими, во униформа на АРМ се поклни пред споменикот на ОНА во Слупчане.
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, за денеска напладне закажа седница на која пратениците ќе треба да ги изгласаат новите министри што ги предложи Демократската унија за интеграција.
Вчера Собранието ги констатираше оставките на претходните министри во Владата од редовите на ДУИ.