Споменикот Македониум во Крушево, еден од најпознатите македонски објекти во светот, е изнајмен за околу 500 евра за снимањето на спотот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони. Директорот на Историскиот музеј Крушево ни изјави дека продукцијата побарала дозвола и тие ја дале.
Во Македониумот се наоѓа и гробот на Никола Карев, претседателот на Крушевската република создадена со Илинденското востание во 1903.
„Просторот беше отстапен за снимање спот. И на Управен одбор имаме донесено одлука да може просторот да се отстапува со соодветна цена, се наплатува. Тие имаа доставено до нас објаснување дека просторот ќе се користи за снимање спот. Немаме точно оформена цена, се отстапува на саати, на пример околу 500 евра за 5-6 саати“, ни изјави Миха Оџаклиески.
На прашањето дали воделе смета за содржината на спотот за да биде снимен во Македониумот, директорот Оџаклиески вели дека сцените сп кревети и играње не се снимени Македониумот оти се снимало на повеќе други локации.
Директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева ни изјави дека од нив не е побарана дозвола за снимање во споменикот во Крушево. Директорката вели дека често до нив пристигнуваат барања за снимања на емисии, спотови, во објекти кои се заштитено културно наследство. Дозвола се дава ако е во согласнот со промоција на македонската култура, уметност и наследство.
Лани, македонската група „Некст тајм“ го објави проектот „Македониум“ снимен во истоимениот споменик.
Споменичкиот комплекс Македониум е дело на уметниците Јордан и Искра Грабулоски, а отворен е на 2 Август 1974, на денот на 30-годишнината на заседанието на АСНОМ и 71-годишнината од Илинденското востание. Во 2018, австралискиот магазин „Аркитекчр енд дизајн“ (Architecture & Design) го вброи меѓу десетте најуникатни градби во светот. Во 2016, американскиот магазин „Аркитекчурал дајџест“ (Architectural Digest) го стави на листата на седумте најинтересни бруталистички градби во светот.
Изминатово лето споменикот, кој со години протекува, почна превентивно да се заштитува со метална конструкција на галериите со витражи и стакла. Директорката на Завод и музеј-Прилеп Мимоза Христоска тогаш ни изјави дека се работи за привремено решение и дека основниот проект за санација за добро во опасност поминал низ Националниот конзерваторски центар (НКЦ) и Управата за заштита на културното наследство. По нејзината изјава, директорката Честоева кажа дека Управата не дала дозвола за конзерваторските работи на споменикот Македониум да се постават металните решетки и дека следи инспекциски надзор. Уште се чекаат резултатите од од инспекцискиот надзор.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



