На висорамнината Витачево, Кавадаречко, во текот на вчерашниот ден беа пронајдени угинати два примерока на црн и бел мршојадец, објавија од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и од Македонското еколошко друштво (МЕД). Овие птици спаѓаат во загрозени видови во Македонија. На местото на настанот излегле државен инспектор за животна средина и инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство. Ќе се испитува како дошло до смртта на птиците, во чија близина е пронајдена и угината крава.
„Угинатата крава со механизација е закопана на лице место во посебна јама, а по завршениот увид од страна на Крим-техника и двата инспектората, угинатите птици се пренесени во Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје за понатамошни лабораториски анализи. Целта е да се утврдат можните причини за угинувањето, поради сомневање за труење“, соопштија од ДИЖС и МЕД.
Македонските екологисти биле алармирани за случајот од колегите од Бугарија. Бугарското друштво за заштита на птиците, преку ГПС-локатор, следело еден од мршојадците и бидејќи птицата не покажувала движење, се појавил сомнеж дека е угината. По ова, вчераутро, во саботата, биле информирани претставниците на Македонското еколошко друштво за можното угинување на еден мршојадец.
„По пристигнувањето на терен, се утврди дека станува збор за два угинати мршојадци, угината крава во фаза на отелување и неколку кучиња кои јаделе од месото на кравата“, соопштија од МЕД.
На лице место во Витачево биле и претставници на НВО „Л’Аквиља“ од Кавадарци и од ОВР Кавадарци, кои за настанот го известиле Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци за отворање предистражна постапка.
Минатата пролет од МЕД објавија дека во Македонија се зголемил бројот на белоглави мршојадци и достигнал до 20 двојки, од кои десетина биле во колониите во Тиквешко и на Витачево. Белоглавиот мршојадец е социјален вид птица што живее во групи (колонии) на тешко достапни карпи. Освен во Тиквешијата, го има и во Демиркаписката Клисура, исто така со десетина парови. Овој вид беше присутен и во Велешко, на локациите кај клисурите Пешти и Макаревац покрај реката Бабуна, но поради труење, таму веќе го нема.
П. ПЕЧКОВ



