ТЕАТАРОТ Е ЛЕК И УТЕХА ЗА ВИСТИНСКИОТ ЖИВОТ, ВЕЛИ НЕЗАВИСНАТА ТРУПА „ЗЛАТЕН ЕЛЕЦ“ ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТЕАТАРОТ

    ТЕАТАРОТ Е ЛЕК И УТЕХА ЗА ВИСТИНСКИОТ ЖИВОТ, ВЕЛИ НЕЗАВИСНАТА ТРУПА „ЗЛАТЕН ЕЛЕЦ“ ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТЕАТАРОТПубликата на една од претставте на независниот театар „Златен Елец“. (Фото: Златен Елец)

    Екипата на независниот театар „Златен Елец“ ја напиша македонската, а холивудскиот актер Вилем Дефо меѓународната порака во чест на 27 Март, Светскиот ден на театарот, соопшти Македонскиот центар ИТИ/Продукција. Вечерва сите театарски претстави почнуваат со читање на националната и на меѓународната порака.

    Бобан Алексоски, Тамара Стојаноска, Надица Петрова и независниот колектив на театарот „Златен Елец“, во пораката велат дека театарот е жив, отвора важни разговори и буди теми за кои мора и вреди отворено да се зборува.

    „Публиката не доаѓа да гледа совршенство, таа доаѓа да препознае искреност и чиста вистина. Театарот треба да се создава од вистинска потреба. Од радост. Од немир. Од немоќ. Од љубопитност. Од желба да се разбере светот што постојано се менува. Ако не зборуваме за времето во кое живееме преку новото и старото напишано, тогаш за кое време да зборуваме? Театарот е имитација на животот во едно општество или средина, но и негово преиспитување и треба да се искористи за преку него гласно да се зборува за промени, зашто во обичниот живот нема тонец што ќе ни пушти музика, нема брз расплет за да ги разреши работите, нема сценограф да го нацрта и оживее светот што ни е потребен. Вистинскиот живот е тежок, убав, тажен, краток или долг, театарот отсекогаш го анализирал, го лекувал и нудел утеха, посочувал кон желба за промена и носел провокација. Ако четвртиот ѕид ни пречи, веднаш да го срушиме, свесноста за публиката и взаемното присуство нè прави поголеми во идејата да спасиме или разубавиме барем еден живот, еден момент, да разбудиме барем една мисла, да поставиме и претставиме барем еден сон. Театарот е љубов и сила што се негува во човекот, длабоко внатре. Тој не е зградата, не е технологијата, тој е уметниците, целиот театарски тим и публиката“, се вели меѓудругото во колективната порака.

    Дефо во пораката вели дека е првенствено познат како филмски актер, но и дека неговите почетоци се длабоко вкоренети во театарот, дека соработувал со Ричард Форман, Роберт Вилсон и Ромео Кастелучи.

    „’Слонот во просторијата’ се новите технологии и социјалните мрежи, кои ветуваат поврзаност, но наизглед ги фрагментираат и изолираат луѓето едни од други. Јас го користам својот компјутер секојдневно, иако немам профили на социјални мрежи; дури сум се „гуглал“ себеси како актер и сум користел вештачка интелигенција за информации. Но, треба да си слеп за да не забележиш дека човечкиот контакт е во ризик, истиот да биде заменет со односи со алатки, инструменти, уреди. Додека некои технологии кои можат да ни служат за добро, го наметнуваат проблемот што не знаеме кој е на другата страна во кругот на комуникација, овој проблем е длабок и придонесува во кризата за вистината и реалноста. Интернетот можеби поставува прашања, но многу ретко создава чувство на чудо, кое театарот го буди. Тоа чудо се темели на внимание, ангажман и спонтано заедништво на оние присутни во кругот на акција и реакција. Како актер и театарски практичар, верувам во силата на театарот. Во свет што се чини сè повеќе антагонистичен, контролирачки и насилен, нашиот предизвик како творци на театар е да избегнеме корупција на театарот, и да го спречиме убедувањето дека театарот е комерцијален бизнис посветен на забава и разонода; или дека театарот е само сув институционален чувар на традиции; туку да ја поттикнеме неговата моќ да поврзува луѓе, заедници, култури и пред сè, да поставува прашања за тоа каде се движиме“, вели Дефо во пораката.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира