ШТИПСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНА ДОБИ НОВИ ШЕСТ ЖИВОТНИ

    ШТИПСКАТА ЗООЛОШКА ГРАДИНА ДОБИ НОВИ ШЕСТ ЖИВОТНИНајнови жители се ему, лемур, белоносен коати, бодликави и виетнамски прасиња и волк. (Фото: СДК.МК)

    Со нови шест животни, штипскиот ЗОО парк сега располага со 25 различни видови животни и со вкупен животински фонд од 500 единки. Најнови жители се ему, една од најголемите австралиски птици, лемур, белоносен коати од семејството ракуни, бодликави и виетнамски прасиња и еден волк.

    „За сите нови жители во паркот направивме нови живеалишта, адаптирани и со зелени површини, а за некои посебни видови инсталирани се клима уреди поради нивната чувствителност на временските прилики. Старите живеалишта ги обновуваме и редовно ги одржуваме. Од последните животни што беа набавени се мајмунчињата, кои од нивното доаѓање пред неколку години се постојана атракција за најмладите посетители. Очекуваме,внимание да предизвикаат и најновите животни, кои се во групата на ретки во светот“, вели Александар Арсовски, директор на ЈП„Исар“, во чии рамки работи ЗОО паркот.

    „Од основањето на ЗОО паркот пред десетина години влезот е бесплатен и секојдневно бројот на посетители се зголемува, не само од Штип, туку и од останатите градови во Источна Македонија и пошироко. Посетеноста се зголемува и затоа што пред една година во непосредна близина на ЗОО паркот се отвори Дино паркот, кој исто така бележи сѐ поголема посетеност“, велат од Комуналното претпријатие и додаваат дека соработуваат со зоолошките градини во Скопје и Битола.

    На велигденските празници во месноста Бриони секој ден ќе има велигденски хепенинг.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира