СО 65 ИЗДАВАЧИ НА 23 АПРИЛ ПОЧНУВА 32. САЕМ НА КНИГАТА ВО СКОПЈЕ

    СО 65 ИЗДАВАЧИ НА 23 АПРИЛ ПОЧНУВА 32. САЕМ НА КНИГАТА ВО СКОПЈЕДаниела Глигоровска, извршна директорка, Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи и Сања Кондарко, оперативна директорка на Саемот на книгата на денешната прес-конференција. (Фото: МИА)

    Триесет и осмото издание на Саемот на книгата во Скопје ќе се одржи од 23 до 29 април во Арената „Борис Трајковски“. Мотото годинава е „Отвори прозорец кон нови светови“, а најавени се над 65 издавачи и повеќе од 150 активности. Работното време на Саемот ќе биде од 10 до 20 часот.

    „Повеќе од 65 издавачи се присутни, арената ќе биде преполна. Повеќето се македонски издавачки куќи, посебен штанд со дела ќе има и Министерството за култура на Србија“, рече извршната директорка Даниела Глигоровска.

    Таа додаде дека се очекува и годинава, како и претходни години, ЈСП Скопје да има специјална автобуска линија до „Борис Трајковски“.

    Издавачката куќа „Арс Ламина“ за 25 април во Скопје го најави гостувањето на популарната американска писателка на психолошки трилери, Сара Пеканен. Преку издавачката куќа „Сакам книги” доаѓа и италијанската писателка Виола Ардоне, авторка на популарната книга „Возот за деца“ која веќе доби и адаптација на „Нетфликс“. На штандот на издавачки центар „Три“ ќе гостува Хајс Вилбринк, автор од Холандија. На штандот на „Антолог“ најавено е гостување на Ирса Сигурдардотир од Исланд, авторка на трилери. Чешкиот писател Јиржи Хајичек е специјален гостин на „Славика либрис“.

    На 24 април, меѓудругото, предвидено е да се промовира ,,Македонски етимолошки речник” том 1, во организација на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Скопје. Институтот за национална историја организира промоција на „Политика на тутунскиот производство во вардарскиот дел на Македонија во меѓувоениот период – документи“ од  Вера Гошева. Тој ден ќе бидат свечено доделени наградите на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).

    На 26 април Државниот архив организира промоција на ,„Државен архив – столб на македонското битие“ од доц. д-р Бранислав Светозаревиќ.

    На 27 април Институтот за национална историја, Скопје, е организатор на две промоции. Првата на „Документи за црковно – просветната дејност на егсархијата во Македонија (1878-1912)” на Силвана Сидровска-Чуповска, а втората е на „Образовниот систем во Македонија за време на османлиското владеење”од Армен Жарноски.

    Цената на влезницата е 100 денари, за организирани посети на ученици е 50 денари по ученик, влезница за три посети на саемот е 250 денари. Влезот е бесплатен за деца до 12 години кои се во присуство на родител.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира