Само еден сведок сведочеше на денешното судско рочиште за катастрофалниот пожар во дивата дискотека „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025, со што дополнително падна динамиката на големиот судски процес со 35 обвинети за неизмерната трагедија со 63 жртви, и над 230 повредени од кои дел уште се лекуваат. Веќе неколку рочишта се сослушуваат едвај по еден до два сведока, а имаше и блокада од одбраната која не дозволи Обвинителството да ги повлече од економски причини преостанатите сведоци кои се повторуваа во изјавите. Ова ги разретчи родителите на починатите, кои не го криеја револтот дека се изложени на трошоци до Скопје за да гледаат сè побавна динамика на главниот судски процес за трагедијата на нивните деца и роднини.
Минатото судење се запре кога првообвинетиот Дејан Јованов, викан газда Деко на „Пулс“, побара да дојде Брза помош која констатираше дека тој може да го следи судењето, но се изгуби повеќе од час и пол.
Денеска беше сослушана само Теа Ѓоргиева, сведок на Обвинителството, зашто другите сведоци не може да се најдат. Таа не најави оштетно побарување од обвинетите, ако бидат осудени.
„Бев на првата маса пред бината.Често сум ја посетувала дискотеката. Кога влегов немаше пиротехнички средства на сцената, подоцна се поставија, не забележав кој ги постави. Тие беа ставени доста блиску до нас, баш ѝ реков на една пријателка дека се многу блиску и можат да ни ја испрскаат косата. Кога беше пожарот јас снимав со телефонот, после забележав дека гори. Откако почнаа да фрлаат искрите, видовме дека гори на плафонот, но не сфативме сериозно. Останавме уште, еден од бендот рече да излеземе, останавме уште, но потоа се упативме кон излезот. Видов дека се заглавува во гужвата но мислев ќе излеземе сите. Потоа чувствував чуден мирис и зад мене слушав како експлозии. И се најдов на просторот кај што се пушат цигари меѓу излезната и влезната врата. Бев заглавена, бев во лежечка положба во тој момент барав помош, до мене држев пријател за рака. Стојанчо од обезбедувањето го видов, ме фати за раце ме извлече и ги чекав моите родители да дојдат“, сведочеше Ѓоргиева.
Тие членови на обезбедувањето што помагале, како во случајов Стојанчо, не се обвинети. Обвинетите обезбедувачи и газдата на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, цело време реагираат дека спасувале и оти се неправедно обвинети, но барем од досегашните сведочења на преживеаните гости, како Теа Ѓорѓиева на пример, или овие обвинет не ги посочија како спасувачи во пожарот, или ги посочија дека спасувале отпосле, кога пожарот бил изгаснат, а половина од заглавените во стампедото умреле.
Преживеаната девојка посведочи и за миризбата од огнот. Ова е важно за обвинението дека по реновирањето на импровизираната дискотека „Пулс“, газдата Јованов вградил опасни леснозапаливи материјали, кои заедно со околноста дека во објектот вон сите стандарди имало само еден влез/излез и биле приодадени над 600 карти, далеку над капацитетот на објектот, биле причина да се задушат и загинат толку многу жртви.
„Мирисот внатре беше кисел, многу чуден. Не забележав дека некој се упатува кон друг излез. Меѓупросторот беше преполнет со луѓе. И претходно сум видела каде што се користеа пиротехнички средства во дискотеката. Дискотеката сум ја посетувала и кога сум била малолетна“, рече Ѓорѓиева, како и претходните сведоци кои кажаа дека дека на кожата им капела и ги изгорела некоја чудна течна материја што доаѓала од плафонот.
На следното рочиште треба да се читаат обдукциските извештаи за 63-те жртви за причините од кои починале.
С. К. ДЕЛЕВСКА



