Уште еднен повреден работник е донесен во Ургентниот центар на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, вели д-р Игор Мерџаноски, директор на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Утринава еден градежен работник загина, а вкупно четворица се повредени откако биле затрупани од насип со земја на градилиште во општина Кисела Вода. Тројцата се спасени и се донесени на Ургентниот центар, едниот е со скршеници, другите двајца се со полесни повреди.
„Последниот работник што е донесен е со лесна повреда“, вели д-р Мерџаноски.
Инвеститор на зградата во Кисела Вода каде загина работник е поранешниот градоначалник на Општина Аеродром Ивица Коневски. Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека земјиштето каде се гради зградата е на неговото семејство, а зградата ја гради фирмата „Јакимовски ДООЕЛ“.
„Трагедија е ова што се случи. Фирмата ‘Јакимовски ДООЕЛ’ е со долгогодишно искуство, сите постапки се запазени, и добиени се сите одобренија за градба. Најверојатно се излизгало ненадејно земјиштето по што дошло до несреќата“, рече Коневски.
Д-р Драган Панов, шеф на смена во Итна медицинска помош Скопје, за МИА изјави дека според првичните информации, настраданите најверојатно се на возраст од 35 до 45 години, но, увидот ќе покаже за што точно станува збор и под какви околности се случила несреќата. Жртвата, како што рече, според првичните информации, е на 34-годишна возраст.
„Интервениравме со четири амбулантни возила“, рече д-р Панов.
Министерството за внатрешни работи МВР) претходно информираше дека изутринава во 08:17 часот во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на улица Козјак во Скопје, при ископ на темели со земја биле затрупани тројца работници. Од нив, двајца се извадени и со возило на Итна медицинска помош се пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, а во координација со Центарот за управување со кризи и Бригадата за противпожарна заштита се преземаат мерки за вадење и на третото лице, велат од МВР.
Од Министерството за здравство соопштија дека во Ургентниот центар се транспортирани тројца повредени градежни работници.
„Двајца од работниците се со полесни телесни повреди и контузии, во тек се дијагностички процедури. Кај едниот од нив веднаш е санирана повреда на лактот, а третиот пациент е со скршеници на двете потколеници и една натколеница. Се следи здравствената состојба на повредените лица и продолжува нивниот медицински третман“, велат од Министерството.
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје соопштија дека дежурен јавен изврши увид на лице место на локација во Кисела Вода, каде при одрон на градилиште еден работник го загуби животот, а тројца беа повредени.
„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на починатиот. Во насока на испитување на причините за несреќата и почитувањето на прописите за заштита при работа постапуваат и Државниот инспекторат за труд и општински градежен инспектор“, вели ОЈО Скопје.
Б. НЕСТОРОСКА



