БРИТАНСКИ ПАДОБРАНЦИ СЕ СПУШТИЈА НА НАЈОДДАЛЕЧЕНИОТ ОСТРОВ ЗА ДА МУ ПОМОГНАТ НА ЗАБОЛЕН ОД ХАНТАВИРУС

    БРИТАНСКИ ПАДОБРАНЦИ СЕ СПУШТИЈА НА НАЈОДДАЛЕЧЕНИОТ ОСТРОВ ЗА ДА МУ ПОМОГНАТ НА ЗАБОЛЕН ОД ХАНТАВИРУСОва е првпат во историјата британските воени сили да користат падобранци за медицинска поддршка во рамките на хуманитарна мисија. (Фото: Британско Министерство за одбрана)

    Медицински тим на британската војска со падобрани се спушти на Тристан да Куња, најодалечениот населен остров во светот, за да му пружи помош на локален жител за кој постои сомнеж дека е заразен со хантавирус. Мажот бил патник на крузерот МВ Хондиус, каде што претходно беше регистрирано жариште на овој вирус.

    Пациентот ги почувствувал првите симптоми две недели по напуштањето на бродот во средината на април и во моментов е во стабилна состојба во изолација. Поради неговата состојба и ограничените медицински капацитети на островот, британското Министерство за одбрана испрати шест падобранци и двајца лекари специјалисти за интензивна нега. Претходно, со воени авиони на островот беа доставени и итни залихи со кислород кои беа на критично ниво.

    Ова е првпат во историјата британските воени сили да користат падобранци за медицинска поддршка во рамките на хуманитарна мисија. Островот во јужниот Атлантски Океан има само 221 жител и нема аеродромска писта, па пристапот до него е можен единствено со брод. Операцијата се одвивала во тешки временски услови со силен ветер.

    Министерката за надворешни работи, Ивет Купер изјави дека оваа вонредна операција ја одразува посветеноста на државата кон британските државјани, без разлика каде се наоѓаат во светот. Министерот за вооружени сили, Ал Карнс додаде дека задачите се извршени со висок професионализам под голем притисок.

    Светската здравствена организација досега потврди шест случаи на хантавирус поврзани со бродот, од кои две лица починаа од овој вирус, а вкупно тројца во текот на целата епидемија. Хантавирусот е група вируси кои ги пренесуваат глодари, но специфичниот сој Андес идентификуван кај патниците може да се шири и преку контакт меѓу луѓето. Бродот МВ Хондиус веќе пристигна во Тенерифе, од каде патниците ќе бидат репатрирани. Британските државјани кои биле на бродот ќе бидат пренесени во болница во Вирал каде ќе поминат во изолација 45 денови под медицински надзор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира