ДЕВЕТМИНА ПАЦИЕНТИ ИМАЛЕ НЕПОТРЕБНИ ИНТЕРВЕНЦИИ НА СРЦЕ, ИЗВЕШТАЈОТ ОДИ ВО ОБВИНИТЕЛСТВО, РЕЧЕ АЛИУ

    ДЕВЕТМИНА ПАЦИЕНТИ ИМАЛЕ НЕПОТРЕБНИ ИНТЕРВЕНЦИИ НА СРЦЕ, ИЗВЕШТАЈОТ ОДИ ВО ОБВИНИТЕЛСТВО, РЕЧЕ АЛИУПроф. д-р Александар Станков, министерот Азир Алиу и д-р Верица Стојковиќ, директорка на Националниот центар за кардиоваскуларни заболувања на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    Кај 9 пациенти не се оправдани кардиохируршките и кардиолошките интервенции во јавните и приватните здравствени установи по кое било ниво, утврди меѓународната независна комисија откако лани кардиологот д-р Сашко Кадев обвини за непотребни операции во приватното здравство.

    Министерот за здравство Азир Алиу денеска потести дека лани беше формирана интерна комисија од девет врвни домашни медицински експерти, доктори во областа, како и правници и економисти, односно претставници на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.
    ​Интерната комисија одржала 16 работни состаноци и разгледала 20 случаи, од кои кај 13 беа утврдени сомнежи за непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција. Целокупната документација за пациентите за кои интерната комисија утврди наоди била доставена до меѓународната експертска група која беше формирана во февруари.

    ​Оваа група е составена од: д-р Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија и д-р Черчеш Миха, интервентен кардиолог од Словенија. Оваа комисија минатата недела ги доставила наодите, кои, како што вели Алиу, во значаен дел се поклопуваат со наодите на домашната интерна комисија, што е особено важно имајќи предвид дека двете комисии работеа независно една од друга.

    Од вкупно анализирани 13 предмети поврзани со сомнежи за непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција, странската комисија кај четири пациенти констатираше дека: „Обезбедениот третман во целина бил медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди на клиничка пракса“.

    ​Додека за останатите девет пациенти, според странските експерти, , велат вака: „Документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација, на пример несогласување меѓу ангиографски наоди од коронарографијата и писмениот извештај, по што следувало несоодветна индикација за процедурите, било ендоваскуларните или хируршките процедури“. Во однос на овие случаи, комисијата оценува дека: „Oдредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваните професионални стандарди и можно е неповолно влијание врз клиничкиот исход кај нив“.

    „Пациентите се на возраст од 46 до 78 години коишто беа предмет на анализа. Анализираните случаи се однесуваат на интервенции и постапки реализирани во здравствените установи во јавните и во приватните здравствени установи: Клиника за кардиологија, Клиника за кардиохирургија, Клиничка болница Штип, Градска општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’, ПЗУ Кардио Ар Штип, Клиничка болница ‘Жан Митрев’ и Клиничка болница ‘Аџибадем Систина’. ​Овие наоди се сериозни и не смеат да се релативизираат, но исто така тие не смеат да се користат за генерализација или за нарушување на угледот на целата лекарска професија или за стигматизација на установите. Огромен број на лекари во нашата држава работат чесно, работат стручно и работат посветено. Токму затоа, системот мора да ги заштити и пациентите и професионалниот интегритет на лекарите во нашата држава“, рече Алиу.

    ​Извештаите од интерната и странската комисија ќе бидат доставени до Владата, до Јавното обвинителство, до Лекарската комора, до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Фондот за здравствено осигурување и Државната комисија за спречување на корупција.

    „Сакам да потсетам дека и Лекарската комора спроведе вонреден стручен надзор над лекувањето на пациентите кај кои се извршени кардиолошки, кардиохируршки и кардиоваскуларни интервенции. Од нивна страна до нас исто така се доставени извештаите за 27 случаи, кај одреден дел е оправдана индикацијата за интервенција, додека кај останатите ќе биде предмет на дополнителна анализа“, додаде министерот.

    Алиу рече дека тие 9 пациенти се живи и дека ако ги побараат извешаите, ќе ги добијат. Но, извештајот не смее да биде јавно објавен бидејќи ќе биде дек од понатамошна правна процедура.

    „Сензација со имиња во оваа фаза не смееме да правиме. Значи, јас правам прекршок на други закони ако излезам со имиња“, додаде тој.

    На новинарски прашања зошто Министерството за здравство како интистуција не поднесе кривична пријава против докторите, проф. д-р Александар Станков од Институтот за судска медицина, кој бил координатор на внатрешната комиссија, кажа дека Обвинителството за да може да спроведе постапка, мора да направи вештачење.

    „Овој извештај е материјален доказ којшто би се употребил во понатамошно вештачење доколку смета обвинителството дека треба вештачење. Вештачењето е неопходно во секоја постапка, доколку смета обвинителството дека треба. ​Ако обвинителството смета дека треба да поведе постапка, дава наредба за вештачење, се составува тим за вештачење и врз основа на извештаите, медицинската документација, што сè претставува материјален доказ, се изготвува вештачење. Документите коишто излегуваат од Министерството за здравство или пак од Лекарска комора или од ДСЗИ коишто се еден вид стручен надзор, немаат тежина на вештачење. Тоа е само материјален доказ. ​Вештачењето понатаму му помага на обвинителството да го потврди обвинителниот акт и да почне судењето, или пак да го отфрли. Обвинителството може да поведе постапка и без тоа“, рече д-р Станков.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира