МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД 30 ОТСТО НА НОВОРОДЕНЧИЊА ЗА 10 ГОДИНИ, ГИНЕКОЛОЗИТЕ АПЕЛИРААТ НА ПОГОЛЕМА ГРИЖА НА ЖЕНИТЕ НА СИТЕ ВОЗРАСТИ

    МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД 30 ОТСТО НА НОВОРОДЕНЧИЊА ЗА 10 ГОДИНИ, ГИНЕКОЛОЗИТЕ АПЕЛИРААТ НА ПОГОЛЕМА ГРИЖА НА ЖЕНИТЕ НА СИТЕ ВОЗРАСТИПроф. д-р Тофоски, спец. д-р Шурлан и проф. д-р Џикова на денешната прес-конференција на Асоцијацијата МАГО. (Фото: К. Попов)

    Во Македонија има значителен пад од 30% на бројот на новороденчиња за изминативе 10 години, кажа денеска проф. д-р Елена Џикова, членка на Управниот одбор на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО. Асоцијацијата ја одбележува 5. по ред Недела на женско здравје.

    Д-р Џикова кажа дека според најновите демографски податоци од 2025, во Македонија се родени 15.500 новороденчиња. Тоа значи, вели,  дека нашата држава бележи значителен пад во природниот прираст.

    „Ако се навратиме на една деценија порано, кога бројот на новороденчиња беше околу 23.000, може да видиме дека имаме значителен пад од 30% за овие 10 години. Тоа за нас треба да претставува еден аларм, којшто не е само бројка, не само статистика, којшто ќе нѐ наведе да имаме поголема грижа кон жените и целокупна поддршка во женското репродуктивно и семејно здравје.
    ​Во услови кога природниот прираст во нашата држава е во вакво значително опаѓање, значењето на нас гинеколозите-акушерите, на здравствените институции и на целата јавност е особено значајно… од особено значење во едукацијата и превенцијата, пред сѐ на жените во сите фази од нивниот живот: од најраниот период, од периодот на детство, од периодот на школските години, кога треба да ги научиме да тие знаат како да постапуваат со своето здравје, како да го чуваат своето здравје, но особено во репродуктивниот период и во период на бременост кога тие се најранливи“, кажа д-р Џикова.

    Д-р Џикова потсети дека редовните акушерски прегледи во текот на бременоста се многу важни од самиот почеток на бременост, бидејќи современата медицина нуди нови методи за предикција и превенција на различни компликации коишто може да настанат во текот на бременоста. Со сето тоа, да тие можат да се не само да се спречат, но и доколку се појават, да се појават во една поблага форма, а сѐ со цел да се заштити здравјето и на мајката и на новороденчето.
    ​„Токму затоа е осмислена и оваа национална платформа која се вика Недела на женското здравје, со цел да нѐ обедини нас во подигање во подигање на стручната јавност, на институциите и на граѓаните околу една заедничка цел, а тоа е зачувување на здравјето на жените, пред сѐ на мајките и на новороденчињата, бидејќи здравјето на жената е темел на секое општество и темел на секој дом и секое семејство“, додаде таа.

    Спец. д-р Илир Шурлани, член на УО на МАГО, кажа дека има голем број случаи кога жените доаѓаат предоцна. Не затоа што тие немале симптоми, но затоа што немале храброст или навика навреме да се пријават на преглед. Токму затоа, докторите апелираат дека превенцијата спасува живот.

    „Најтажен е фактот дека дел од овие би можеле да бидат откриени многу порано и лекувани со едно редовно гинеколошки преглед. ​Особено е важно да допреме до младите девојки и до младата трудна популација. Да работиме заедно да редовните гинеколошки прегледи станат навика, а не посета само кога ќе има потреба, затоа што женското здравје не смее да чека“, кажа д-р Шабани.

    Проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО, вели дека како Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари, во склоп на Македонското лекарско друштво, имаат примарна обврска да ги едуцираат лекарите за она што е најново во медицината, за сите промени коишто се случуваат и да им дадат знаење да можат да ја пружат најдобрата здравствена заштита за своите пациенти.​

    „Меѓутоа, пред пет години решивме дека нашата улога не треба да заврши само тука, треба да дадеме еден поширок осврт, малце да ги едуцираме и нашите партнери во процесот на лечење, а тоа се нашите жени, нашите пациенти, нашите новороденчиња и нашите мажи со коишто го лекуваме инфертилитетот заедно.
    ​Затоа и ја осмисливме оваа кампања којашто оди и на светско ниво. ​Оваа година, како и претходните, имаме многу различни теми, дури едната ни е најактуелна сега и во светски рамки, а тоа е онаа патологија којашто ја викаме ние синдром на полицистични јајчници. Од завчера, веќе на светско ниво се вика полиендокрино-метаболно-оваријално заболување, односно синдром. Веќе со сосема друг осврт се приоѓа на женското здравје, не само од страната на овариумот, туку од страната на она што овие жени, а тоа е некаде 6 до 13% од популацијата женска во репродуктивниот период, – го имаат како симптоми и во појавата можна за на дијабетес тип 2, на покачување на мастите, на појавување на кардиоваскуларните заболувања, секако на лечењето на инфертилитетот и на сите други состојби поврзани со овој синдром, којшто дополнително и допрва светот ќе го разгледува и ќе го на некој начин стратифицира“, кажа проф. д-р Тофоски.

    Професорот Тофоски додаде дека настаните на Неделата на женско здравје ќе се зборува и за единствената вакцина којашто може да помогне да се превенира и евентуално да се искорени цервикалниот карцином, а тоа е вакцината ХПВ.

    „Вакцината веќе е задолжителна и за момчињата и за девојчињата, и има некој опфат од 56, 7, 8%, што сепак е незадоволително. Значи, сепак сѐ уште треба да се работи да дојдеме до она ниво коешто го имаат високоразвиените земји, а тоа е преку 90 отсто“, додаде тој.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира