ИНЖЕНЕР Е ОТПУШТЕН ОД ГРАДЕЖНА ФИРМА ОТКАКО ПРИЈАВИЛ ВО ТРУДОВ ИНСПЕКТОРАТ ДЕКА МУ ДОЛЖИ ЗА ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА

    ИНЖЕНЕР Е ОТПУШТЕН ОД ГРАДЕЖНА ФИРМА ОТКАКО ПРИЈАВИЛ ВО ТРУДОВ ИНСПЕКТОРАТ ДЕКА МУ ДОЛЖИ ЗА ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТАПријавителот кој се сомнева во корупција, непотизам и интереси на влијанија меѓу неговиот газда и Трудовиот инспекторат, односно власта, покрај анонимната и таа по неа со име и презиме, поднел трета пријава до Инспекторатот. (Фото: СДК.МК)

    Газда на градежна фирма од Кичево и од Скопје, на градежен инженер кој му работел на градилиштата не му ги исплаќа парите за прекувремена работа, за работата во празници, а ни додатокот за минат труд. Инженерот Игор Димовски, кој го пријави својот случај и на платформата „Пријави корупција“ на САКАМДАКАЖАМ.МК, вели дека газдата не дозволувал ни користење годишен одмор и боледување, а фирмата работела без поединечна евиденција за вработените.

    Инженерот Димовски аномалиите и должењето средства од мај 2025 до април 2026 година ги пријавил во Државниот инспекторат за труд првиот пат анонимно. Но газдата на градежната фирма веднаш штом дознал за пријавата, го отпуштил од работа, односно не му го продолжил договорот и сега не му ги плаќа заостанатите додатоци.

    Тој се сомнева дека место него, Трудовиот инспекторат го штити работодавецот, оти е во многу блиски роднински врски со претставници на актуелната власт.

    „Јас сум Игор Димовски, градежен инженер вработен во фирмата, која изведува станбени згради во Скопје. Пред 3 месеци анонимно до трудова инспекција пријавив дека фирмата не плаќа прекувремена работа, работа во празници, и додаток за минат труд, потоа не дозволува користење годишен одмор и боледување и прави ред други прекршоци врз работниот однос. Откако немаше реакција од трудов инспекторат, решив да пријавам лично, со име и презиме. Сопственикот на фирмата, Л. Н., дознал за мојата пријава и решил да не ми го продолжи договорот за работа. Како тоа да не беше доволно, откако отидов лично во трудова инспекција да прашам до каде е постапката по мојот предмет, добив телефон од Д. А., надлежниот инспектор по мојот предмет. Лицето е трудов инспектор од Кичево, и телефонски ме праша што толку сум запнал да пријавувам кога ништо нема да се смени. Инспекторот бараше да ја повлечам претставката со ветување дека директорот Л. Н. на рака ќе ми ги исплати парите што ми ги должи. Исто така инспекторот иронично враќаше дека постапката може да трае со месеци и дека не бил тој должен да проверува кој кога одел на работа. Брзо по мојот телефонски разговор со инспекторот од Кичево, на телефон ми ѕвонеше газдата Л. Н. со барање да ја повлечам претставката против неговата фирма. Јас уште сум зачуден од ваквиот однос на трудовата инспекција, и се прашувам која е целта на нивното постоење ако наместо работниците, ги штитат газдите во нивното уназадување на работничките права?“, вели Димовски во пријавата на платформатта „Пријави корупција“.

    САКАМДАКАЖАМ.МК се јави во Трудовиот инспекторат во Кичево. Оттаму ни кажаа дека тие навистина го препратиле предметот во Скопје, бидејќи на пријавената адреса од сопственикот на градежната фирма, на подружницата во Кичево, тие нашле продавница за автоделови. Патем, за седиште на оваа фирма наведено е Кичево, а таа гради згради во Скопје, каде исто така има седиште.

    „Предметот веќе е кај колега инспектор од Скопје. Тој постапува и колку што сум информиран, денеска ќе оди на увид на терен, за да го испита случајот по поднесената пријава. Кој со кого е баџанак и кој на кој градоначалник е братучед, нас не нѐ интересира. Случајот ќе биде истражен докрај“, ни изјави инспекторот за труд Аднан Демир, надлежен на сите инспектори за цела Македонија од областа работни односи.

    Пријавителот Димовски кој се сомнева во корупција, непотизам и интереси на влијанија меѓу неговиот газда и Трудовиот инспекторат, односно власта, покрај анонимната и таа по неа со име и презиме, поднел уште една пријава до Инспекторатот во која наведува:

    „Во фирмата нема евиденција за присуство на работа и за работно време, ниту води евиденција за годишен одмор и боледување, нити дава пресметка на плата (платна листа), нити евиденција за прекувремена работа“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира