Од 1 октомври студентите ќе бидат сместени во реконструираните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје, а до септември најдоцна се очекува да почне реконструкција и реновирање на сите други студентски домови во Македонија, најави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
„Условите ќе бидат модерни, по високи европски стандарди за сместување, но и за енергетска ефикасност. Сигурна сум дека студентите ќе уживаат во престојот. Нема да има бркање глодари и инсекти, нема да има промаја, лепени прозорци и неисправни тоалети и бојлери. Дополнително за сето тоа да се одржува и трае, го менуваме и моделот на финансирање. Се разбира, чувањето на објектите и одржувањето на опремата зависи и од самите студенти“, рече Јаневска по увидот во градежните активности за темелна реконструкција на студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопската населба Автокоманда.
Министерката додаде дека се обезбедени и средства за отпочнување на реконструктивни активности во другите 7 државни студентски домови, заблагодарувајќи се на Европската унија, Германската развојна банка и Фондот за инвестиции на Западен Балкан. Речен дека станува збор за вкупен буџет од околу 50 милиони евра, од кои, над 10 милиони се неповратни грантови. Станува збор за студентските домови во Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Пелагонија и кујната во „Гоце Делчев“. Работите ќе се одвиваат истовремено во зависност од големината на домот, реконструкциите и енергетската ефикасност, а ќе траат година и половина до две години.
„За две години ќе имаме комплетно нови студентски домови со европски стандарди“, рече таа.
Министерката додаде дека нема студентски домови за богати и сиромашни и дека сите студентски домови ќе бидат со ист квалитет за сите студенти во земјата.
За тоа каде ќе престојуваат студентите додека трае реконтрукцијата, Јаневска рече дека Министерството не го пропуштило тој елемент и дека во различни градови различно се решава проблемот.
„Во дел студентите ќе бидат во закупен приватен студентски дом. Во друг град ќе бидат во обезбеден простор – интересорска соработка со две министерства, во трет град ќе бидат користени дел од ученичките домови. Ниеден студент нема да остане на улица, сите ќе си го добијат она што им следи тоа што е нивно право“, кажа таа.
Александар Каровски, директор на Државниот студентски дом во Скопје, под чија капа се студентските домови „Гоце Делчев“, „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“, рече дека во објектите сѐ ќе биде ново: централно греење, ладење, тоалети, мебел.
Во однос на одржувањето на реконструираните домови вели дека очекува почитување на куќниот ред од страна на студентите, како и досега.
„Ние имаме реновиран студентски дом ‘Гоце Делчев’ пред десетина години, условите сè уште се одлични, затоа што се грижиме студентите и сите генерации да ги имаат истите услови. Затоа во тој дел како менаџери јас сум одговорен да ги одржиме условите за повеќе генерации. Инаку немаме посериозни проблеми, студентите барем кај нас во ‘Гоце Делчев’ се придржуваат кон куќниот ред и немаме некои сериозни проблеми“, рече Каровски.
За реконструкција и изградба на студентските домови ќе бидат потрошени околу 50 милиони евра, од кои 10 милиони евра се грант. Парите се обезбедени со заем од Германската развојна банка, а грантот е преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија. Во план е темелно реновирање на деветте државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и во Охрид. Реконструкцијата ќе се одвива во фази. Во првата фаза се реновираат домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје за што е склучен договор со компанијата „Штрабаг АГ“, која ги изведува градежните активности.



