Драмата не е уметност на самите зборови, драмата е уметност на контекстите и на чувствата кои тие зборови ги носат во претставата, рече Дејан Дуковски, еден од најзначајните македонски современи драмски писатели и автор во фокусот на 60. Македонски театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Синоќа, на разговорот со уметничката директорка на Фестивалот Ана Стојаноска, Дуковски се потсети на неговиот учител, Горан Стефановски, за кого вели дека инсистирал да читаат драми, Шекспир. Тој им велел дека сè е напишано во античката драма и дека драматурзите треба да рециклираат драми, односно да ги разработуваат истите теми.
На прашањето какви искуства имал со режисерите, посебно со тие со кои работел првпат, Дуковски речедека не секогаш имал среќа.
„Некогаш се случува некои претстави да бидат и подобри од самиот текст, отвориле нови нивоа, нови стојалишта. Многу пати се изгубени дури и оние основните нешта. Тоа е една од вистините кога пишуваш драма, не знаеш каков ќе биде крајниот производ на сцена. Јас секогаш ги затворам текстовите после претставите, односно после интерпретацијата на актерите. Многу пати во самиот процес некои реплики доаѓаат, па пак се прифаќаат, форма, затоа што е важно да поминат низ филтерот на актерите. Тие најдобро ги детектираат зборовите и чувствата“, кажа тој и додаде дека кога репликите ќе се кажат на сцена, тие добиваат поширок контекст и значење.
За поставување и поддршка на нови текстови, Дуковски рече дека смета дека треба да се организираат повеќе драмски читања.
На прашањето дали замислувал кога бил студент дека ќе дојде ден кога неговото дело ќе биде славено на фестивалот од калибарот на „Чернодрински“, тој вели дека токму од Прилеп се лансирал како автор.

отворена изложба на 75 театарски плакати од претстави работени според драмите на Дуковски низ цел свет, чија авторка е Јасмина Алексова. (Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“)
„Уште како студент учествував со ‘Балканот не е мртов’, љубовна приказна меѓу Турчин и Македонка, текст кој имаше многу напади од типот дека сум против македонската кауза. Но, се појавија неколкумина на фестивалот што застанаа зад претставата и текстот и јас ја добив наградата за најдобар текст“, рече Дуковски.
Оливера Ќорвезироска од име на издавачот „Арс ламина“ ги промовираше двете книги драми на Дуковски, истакнувајќи дека станува збор за прапромоција на делата објавени во едицијата Македонски книжевни класици.
„Ова двотомно издание е значајно и јасно видливо од која точка и да се погледне. Како крупните, маркантни објекти што постојано ги гледаме, колку и да сме оддалечени од нив. Како ориентир што ни дава сигурност дека нема да се изгубиме сè додека го имаме во очите, како чувство дека сме таму каде што треба да бидеме. Значајно е за Дејан Дуковски; значајно е за едицијата и за издавачот; уште позначајно е за сите нас, зашто на едно место и со најнов авторски препрочит (што е исклучително важно и возбудливо!) имаме десет драми, сосе најновата ‘Црно злато (Опиум или Пари)’; а најзначајно е, сепак, за македонската драма, за македонскиот театар, за македонската книжевност и за македонскиот широк културен контекст“, рече Ќорвезироска.
Пред разговорот, беше отворена изложба на 75 театарски плакати од претстави работени според драмите на Дуковски низ цел свет, чија авторка е Јасмина Алексова.




