Не дека партиите нема да се потрудат да ни го расипат и овој Илинден. Ме фаќа нервоза само што ќе помислам колку отров ќе изблујат политичарите едни против други. Ќе повикуваат на обединување, а ќе шират омраза за дополнително разединување. А ние ќе ги пребројуваме, кој каде се појавил, кој не би тука, кој кому се заканил, кој какво знаме развеал, кој со кого се поздравил, кој колку автобуси изнајмил, кому му ракоплескале, кого исвиркале, кој кого ќе прогласи за предавник…
Како да забораваме дека празникот не е на политичарите што ќе се наредат пред камерите и ќе прочитаат говори што не ги слушаат ни нивните партиски послушници.
Во 2022 пред Илинден напишав „Празникот не е на партиите и на политичарите. Празникот е наш“.
И годинава сакам да го кажам истото, но и да потсетам дека на 8 Септември ќе славиме 35 години независна држава.
Па, ајде големиот државен празник 2 Август нека ни биде генерална проба за конечно вистински да почнеме ја славиме Републиката, а не да ги славиме партиите.
Имаме голема причина за славење. Ние сме генерацијата што ужива во слободата извојувана во борбата и на илинденците од 1903 и на илинденските асномци од 1944. Па луѓе мои, имаме држава. Имаме значително многу повеќе пријатели отколку непријатели. И навистина, мора да сме многу глупави ако дозволиме партиите да ни го сетираат празничното расположение и да ни го киднапираат патриотизмот, кажувајќи ни кого треба да мразиме… Синким тие ја сакаат државата повеќе од нас. Баталете ги.
Ајде да излеземе од нивниот вител на лошотија. Ајде да си го вратиме празникот. Да ја славиме Републиката, а не да ги славиме партиите.
Нека ни е честит 2 Август, двојниот Илинден.
Да сме живи и здрави и да наздравиме за Македонија.
Каде и да сме.



