На 27 октомври пред платото на ресторанот „Пелистер“ на Плоштадот Македонија во Скопје, ќе се спроведуваат бесплатни превентивни мерења на крвниот притисок, шеќерот и холестеролот во крвта, како и проценка на ризикот од мозочен удар. Настанот го организира Клиниката за неврологија, во чест на 29 Октомври, Светскиот ден на мозочниот удар. На 28 октомври, на Клиниката за неврологија од 11 до 13 часот, ќе има отворен ден за граѓаните, во чии рамки ќе се вршат бесплатни доплер-прегледи на каротидните артерии.
„Прегледите се достапни за сите заинтересирани граѓани во наведениот термин, без ограничување на бројот на прегледи“, вели в. д. директорот на Неврологија, д-р Јован Божиновски и додава дека мозочниот удар претставува значаен јавно-здравствен предизвик.
„Навременото препознавање на предупредувачките знаци, контролата на ризик-факторите и брзото добивање соодветна медицинска помош се од суштинско значење за намалување на последиците и спасување човечки животи“, вели вели д-р Божиновски.



