СЕКОЈ НОВ ДИРЕКТОР ВО ЗДРАВСТВОТО ПРВО ШТО ПРАВИ Е МЕНУВА ПЛОЧКИ, РЕЧЕ Д-Р ТРАЈКОВСКИ НА ПАНЕЛ ЗА ДЕПАРТИЗАЦИЈА ВО ПОСТАВУВАЊЕТО РАКОВОДНИ ЛИЦА НА УСТАНОВИ

    СЕКОЈ НОВ ДИРЕКТОР ВО ЗДРАВСТВОТО ПРВО ШТО ПРАВИ Е МЕНУВА ПЛОЧКИ, РЕЧЕ Д-Р ТРАЈКОВСКИ НА ПАНЕЛ ЗА ДЕПАРТИЗАЦИЈА ВО ПОСТАВУВАЊЕТО РАКОВОДНИ ЛИЦА НА УСТАНОВИСинадиновска, Трајковски, Колевска-Делевска, Коцевски и Рокас на денешната панел-дискусија. (Фото: СДК.МК)

    „Две третини од јавните здравствени установи имаат в. д. директори“, „Секој директор во здравството прво што прави е менува плочки“, се дел од поентите од денешната панел-дискусија „Департизација на именувањето на директорите на јавните здравствени установи“, организирана од Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ во соработка со Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Собранието на 11 февруари го донесе Законот за дополнување на Законот за здравствена заштита, со кој се укинува дискреционото право на директорот при вработувања, но тоа не е доволно, потребни се уште измени, рече модераторката Катарина Синадиновска.

    Според Гоце Коцевски од Здружението на млади правници, кој коавтор на анализата заедно со Борјан Ѓузелов, тој закон е многу оскуден во однос на тоа дека ги утврдува критериумите на еден многу општ начин кој може да биде директор на јавно здравствена установа, како на пример да има: пет години работно искуство, да предложи програма да познава странски јазици и тука завршува сѐ.

    „Поставката е уште пооскудна, т. е. вели ‘Управниот одбор распишува јавен оглас, па јавниот оглас се објавува во дневни весници, и министерот носи решение и тука завршува постапката. На овој начин поставена законската рамка има една суштинска слабост, а тоа е дека ние не можеме да направиме проверка дали лицето кое што се пријавува за конкурс навистина ги задоволува критериумите кои што се неопходни за водење на здравствена установа“, кажа Коцевски.

    Работејќи ја анализата, барале и добиле податок од Министерството за здравство дека две третини од јавните здравствени установи имаат в.д. директори.
    ​Со други зборови, вели тој, нешто што во законот е предвидено како исклучок, само ако конкурсот е неуспешен и којшто е временски ограничен на шест месеци, кај нас е правило.

    „И тоа правило се продолжува, се продолжуваат  мандатите на овие директори. ​И тука има една дополнителен слабост во законот, е тоа што за таа должност тој не мора да поднесе програма. Не дека ако поднесе програма ќе се гарантира стручноста, меѓутоа долгорочното планирање и управување, менаџирање со здравствените установи е апсолутно невозможно на овој начин. ​Што може да се направи, она што недостасува е задолжително да се проверува стручноста, соодветноста на лицето кое што е кандидат. ​Во моментов тоа го немаме. Второ, таа проверка во никој случај не треба да ја врши лицето кое што именува, односно министерот за здравство. ​Тоа може да биде управниот одбор, може да биде здравствениот совет, може да биде некој ад хок тело. ​Меѓутоа, неопходно е колективно тело да го разгледа кандидатот, компетенциите на кандидатот и да даде оценка. ​И во однос на вршителите на должност и тоа веќе постои во одредени закони во други пракси, значи да биде навистина исклучок. ​После тие шест месеци апсолутно да не може да се продолжува или да се замени“, рече Коцевски.

    Според д-р Бојан Трајковски, проблемот не е во тоа што нема квалитетни кадри во партиите, туку во критериумите.​

    „Најчесто се поставени луѓе кои биле добри за време на предизборието и биле нешто во партијата, па сега преку возвратни услуги се поставуваат на некоја позиција. ​​Главниот проблем е што буквално сите ешалони се именуваат без апсолутно никаков критерум. ​Не е оправдано директори на институции  да не бидат лекари. Тие треба да се лекари секогаш, освен во исклучителни ситуации. ​Сите ние имаме целосно искуство од минатите економски кризи каде што сме студирале, работеле и сме виделе што фали. ​Постои една анегдота меѓеу нас докторите дека секој директор во здравството прво што прави е менува плочки. ​Ова за жал е секогаш така и ги крати често активностите што можат да ги прават како професионалци и лекари“, рече Трајковски.

    Редакцијата објави текст во која вели дека му стои на располагање на Основното јавно обвинителство Скопје да ги даде податоците за јавната здравствена установа пријавена за коруптивно однесување, но до ден денес не ги побараа“, рече Колевска-Делевска. (Фото: СДК.МК)

    Новинарката Соња Колевска-Делевска од САКАМДАКАЖАМ.МК  говореше за важноста на партијата при поставувањето на луѓе на раководни позиции, како што се директори на клиники и болници.

    „Пред две години во нашата редакција се обрати сопственик на веледрогерија, односно друштво за промет и фармацевтски услуги, кој пријави дека бил изложен на рекетирање од директор на јавна детска болница во Скопје. Според неговото сведоштво, фирмата ги добила судските спорови за наплата на побарувањата за испорачаните производи, но и покрај судските пресуди, со години не можела да ги наплати средствата. ‘Ми должат пари за производите што сум ги испорачал. Победив на тендер, ја завршив испораката, а потоа не ми плаќаат. Причината, според она што ми беше кажано, е дека исплатата зависи од дискреционото право на тогашните директори, кои ми бараа процент од секоја исплатена рата. Тој посочи дека исплатите на долговите не се вршат одеднаш, туку на рати, а фирмите, според неговото тврдење, се соочувале со барања за исплата на процент од средствата што треба да им бидат префрлени. Како дополнителен проблем го наведува законското ограничување на извршувањето врз средствата на државните институции, со кое се остава заштитен дел од буџетот за да може институцијата да продолжи да функционира и да ги исплаќа платите. Поради тоа, кога на сметката на јавната здравствена установа ќе пристигнат средства, доверителите се соочуваат со неизвесност околу тоа кој и кога ќе биде исплатен. Според сведоштвото, во практиката постои редослед на исплата во кој предност добиваат одредени фирми, меѓу кои, како што тврди, и компании што донирале за политички партии, додека други се соочуваат со притисоци да дадат мито за да си ги наплатат побарувањата. Редакцијата објави текст во која вели дека му стои на располагање на Основното јавно обвинителство Скопје да ги даде податоците за јавната здравствена установа пријавена за коруптивно однесување, но до ден денес не ги побараа“, рече Колевска-Делевска.

    Евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека темата на панел-дискусијата е една од најважните за земјата да може да ги направи структурните промени што и се потребни.

    „​За нас во Европската комисија, секоја година кажуваме иста работа: дека ни треба во јавната администрација да воведеме меритократија, треба да осигураме дека критериумите за селекција се тука, се јавни, се видливи.  ​Морам да кажам дека имавме малку позитивен исход бидејќи оваа година видовме дека конечно е донесен закон од страна на Собранието. Но, сѐ уште веруваме дека тој е со ограничен опсег. Затоа што, од една страна, ги регулира процедурите за именување и отпуштање и дефинира мандат кој оди над мандатот на владата, што е добро, и ја ограничува можноста за именување на овие т. н. привремени директори.

    ​Но, од друга страна, имавме многу други препораки кои не беа адресирани, како составот на селекциските одбори, методологијата за селекција и  дефиницијата на објективни критериуми за отпуштање. Секоја од овие точки е важна. ​И зошто се враќаме? Затоа што, повторно, гледаме, и ако ја видиме историјата на земјата во јавниот сектор, има длабока политизација на сите, практично на сите нивоа, дури и пониските нивоа. Тоа е прилично шокантно. Тоа го набљудуваме низ годините. На крајот на денот, најважно е ако се стреми една личност да стане доктор и да има кариера, да напредува и еден ден да води болница, јавна болница или медицинска институција, треба да имаш верување во системот.  ​Ако немаш верување во системот тогаш бараш други можности на друго место“, рече Рокас.

    Б. НЕСТОРОСКА

    „Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира