Со министерката за здравство на Бугарија Катја Ивкова постигнавме премолчена согласност дека прашањето за Ива Михајлова не е здравствено прашање, туку е прашање од доменот на правдата, рече денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Обвинетата Ива Михајлова, која има и македонско и бугарско државјанство, на 11 октомври избега од Македонија и се наоѓа во Софија, каде што веќе има бугарски адвокат. Против Михајлова во Кочани е во тек судење во кое таа е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици.
„Постигнавме премолчена согласност дека прашањето со И.М не е здравствено прашање, туку прашање од доменот на правдата, бидејќи лицето е бегалец од правдата и се бара со меѓународна потерница. Како што е прашање на правдата, а не здравствено прашање, не го разгледувавме“, рече министерот, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на нови 100 амбулантни возила во Скопје.
Клековски вчера беше во Софија, каде со министерката за здравство на Бугарија, Ивкова, го потпишаа Планот за соработка меѓу двете министерства за периодот 2026–2028 година.
- ИВА МИХАЈЛОВА ИЗБЕГАЛА ВО БУГАРИЈА ПО НАЈАВАТА ДЕКА ЌЕ ДОЈДЕ БУГАРСКИ КОНЗИЛИУМ КОЈ ЌЕ ГИ ПОТВРДЕШЕ НАОДИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЛЕКАРИ ДЕКА НЕМА ЗДРАВСТВЕН СЛУЧАЈ, РЕЧЕ КЛЕКОВСКИ
- TОА ШТО БУГАРИЈА ЈА ПРИМИ ОБВИНЕТАТА ИВА МИХАЈЛОВА НА ВИСОКО НИВО ГИ ЗАГРОЗУВА ДОБРОСОСЕДСКИТЕ ОДНОСИ, ВЕЛАТ ОД МНР
Министерот кажа дека по извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) поврзан со случајот со докторот Иван Барбов и неговата пациентка Михајлова, дополнително побарал надзорот да се прошири на здравствените установи каде е третирана во меѓупериодот.
„Веќе во оваа фаза има констатирани прекршоци и побаран е стручен надзор за медицинскиот дел од извештајот“, додаде тој.
На 7 октомври 2025, на патот Кочани–Штип, се случи тешка сообраќајна несреќа со директен судир на две возила. Во несреќата загина 33-годишен маж, а неколку лица беа повредени. Македонското обвинителство ја товари тогаш 23-годишната Ива Михајлова дека возела со преголема брзина и преминала во спротивната лента. Михајлова и нејзиниот правен тим го оспоруваат ова. Тие тврдат дека другото возило навлегло во нејзината лента обидувајќи се да заобиколи запрено полициско возило и дека таа, всушност, е жртва, а не виновник. Во несреќата таа добила со тешки повреди на рбетот. Поради судскиот процес, на Михајлова ѝ се изречени мерки на претпазливост, вклучително и одземање на пасошите и забрана за напуштање на државата. Нејзиното семејство бара таа да замине на лекување во Софија, тврдејќи дека во Македонија нема услови за лекување на нејзината тешка дијагноза.
Михајлова и нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров на 11 октомври за бугарските медиуми изјавија дека границата ја преминале сосема легално, преку официјален граничен премин, и дека македонските полицајци добро знаеле која е таа, но ги пуштиле да поминат. Од Министерството за внатрешни работи велат дека Михајлова не ја напуштила легално Македонија.
Б. НЕСТОРОСКА



