ТОА ШТО БУГАРИЈА ЈА ПРИМИ ОБВИНЕТАТА ИВА МИХАЈЛОВА НА ВИСОКО НИВО ГИ ЗАГРОЗУВА ДОБРОСОСЕДСКИТЕ ОДНОСИ, ВЕЛАТ ОД МНР

    ТОА ШТО БУГАРИЈА ЈА ПРИМИ ОБВИНЕТАТА ИВА МИХАЈЛОВА НА ВИСОКО НИВО ГИ ЗАГРОЗУВА ДОБРОСОСЕДСКИТЕ ОДНОСИ, ВЕЛАТ ОД МНРПротив Михајлова во Кочани во тек е судење на кое е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици (Фото: БТВ)

    Бегството на Ива Михајлова во Бугарија и нејзиниот прием на високо ниво во Софија ги подрива напорите што ги вложуваме за градење доверба и е спротивно на декларираните заложби за развој на добрососедските односи, велат од Министерството за надворешни работи. Против Михајлова во Кочани во тек е судење на кое е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици. Таа вчера избега од Македонија и во моментов, како што објавија бугарските медиуми, се наоѓа во Софија, каде што веќе има бугарски адвокат.

    „Приемот на високо ниво на лице против кое се води судска постапка испраќа сериозно погрешна порака. Националната припадност и поседувањето друго државјанство не смеат да служат како заштита од одговорност пред надлежните институции. Секој има право на правично судење. Никој нема право на изземање од законите. Од Република Бугарија, како членка на Европската Унија, очекуваме постапување во согласност со основните европски принципи: почитување на судските постапки, соработка помеѓу надлежните институции и еднаквост пред законот. Постапките што создаваат впечаток на институционална заштита од судска одговорност се неспоиви со тие принципи. Владеењето на правото не смее да биде селективно, ниту да зависи од националната припадност на поединецот“, велат од МНР.

    Оттаму додаваат дека за развојот на случајот ќе ги информираат меѓународните партнери, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа.

    На 7 октомври 2025, на патот Кочани–Штип, се случи тешка сообраќајна несреќа со директен судир на две возила. Во несреќата загина 33-годишен маж, а неколку лица се повредени. Македонското обвинителство ја товари тогаш 23-годишната Ива Михајлова (која има и македонско и бугарско државјанство) дека возела со преголема брзина и преминала во спротивната лента. Михајлова и нејзиниот правен тим го оспоруваат ова. Тврдат дека другото возило навлегло во нејзината лента обидувајќи се да заобиколи запрено полициско возило и дека таа всушност е жртва, а не виновник. Во несреќата таа се здобила со тешки повреди на рбетот.

    Поради судскиот процес, на Михајлова ѝ се изречени мерки на претпазливост, вклучително и одземање на пасошите и забрана за напуштање на државата, објави 4news.mk. Нејзиното семејство бара таа да замине на лекување во Софија, тврдејќи дека во Македонија нема услови за нејзината тешка дијагноза.

    Михајлова и нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров за бугарските медиуми кажаа дека границата ја преминале сосема легално, преку официјален граничен премин и дека македонските полицајци добро знаеле која е таа, но ги пуштиле да поминат. Од Министерството за внатрешни работи велат дека Михајлова не излегла легално од државата.

    „Министерството за внатрешни работи изврши проверки во системот за гранична контрола, при што е утврдено дека за лицето Ива Михајлова, за кое е во сила активна судска забрана, нема евидентиран излез од територијата на Македонија.
    Дополнително, преку Заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија, извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија. Според податоците од граничните евиденции, лицето последен пат остварило влез во Република Бугарија во септември 2025 година, додека во октомври 2025 година е евидентиран негов излез од Република Бугарија, односно влез во Македонија.“, велат од МВР.

    Таткото на Ива, Симеон Михаилов, е поранешен сопственик на казина и еден од осудените во случајот „Детонатор“. Михаилов има правосилна казна од 12 и пол години затвор за обид за убиство, злосторничко здружување и насилство. Тој веќе со години е во бегство и се наоѓа во Бугарија, од каде што неодамна преку видеообраќања ја бранеше својата ќерка и тврдеше дека пресудите против него се политички монтирани за да му се одземе бизнисот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира