ИВА МИХАЈЛОВА ИЗБЕГАЛА ВО БУГАРИЈА ПО НАЈАВАТА ДЕКА ЌЕ ДОЈДЕ БУГАРСКИ КОНЗИЛИУМ КОЈ ЌЕ ГИ ПОТВРДЕШЕ НАОДИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЛЕКАРИ ДЕКА НЕМА ЗДРАВСТВЕН СЛУЧАЈ, РЕЧЕ КЛЕКОВСКИ

    ИВА МИХАЈЛОВА ИЗБЕГАЛА ВО БУГАРИЈА ПО НАЈАВАТА ДЕКА ЌЕ ДОЈДЕ БУГАРСКИ КОНЗИЛИУМ КОЈ ЌЕ ГИ ПОТВРДЕШЕ НАОДИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЛЕКАРИ ДЕКА НЕМА ЗДРАВСТВЕН СЛУЧАЈ, РЕЧЕ КЛЕКОВСКИПротив Михајлова во Кочани во тек е судење на кое е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици. (Фото: БТВ)

    Бегството во Бугарија на обвинетата Ива Михајлова, која има и македонско и бугарско државјанство, се случило затоа што немала здравствени причини за лекување, рече министерот за здравство Сашо Клековски. Против Михајлова во Кочани е во тек судење во кое таа е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици. Таа на 11 октомври избега од Македонија и се наоѓа во Софија, каде што веќе има бугарски адвокат.

    „Сметам дека токму поради најавата дека во Македонија ќе допатува конзилиум лекари од Бугарија за увид во здравствената состојба и третманот на Михајлова се случи нејзиното бегство, оти бугарскиот конзилиум само ќе ги потврдеше наодите на македонските лекари дека, во основа, тука нема здравствен случај“, рече министерот за здравство Сашо Клековски и најави дека деновиве ќе отпатува во Софија, каде што со министерката за здравство ќе разговара за случајот на Михајлова.

    На 7 октомври 2025, на патот Кочани–Штип, се случи тешка сообраќајна несреќа со директен судир на две возила. Во несреќата загина 33-годишен маж, а неколку лица беа повредени. Македонското обвинителство ја товари тогаш 23-годишната Ива Михајлова дека возела со преголема брзина и преминала во спротивната лента. Михајлова и нејзиниот правен тим го оспоруваат ова. Тие тврдат дека другото возило навлегло во нејзината лента обидувајќи се да заобиколи запрено полициско возило и дека таа, всушност, е жртва, а не виновник. Во несреќата таа добила со тешки повреди на рбетот. Поради судскиот процес, на Михајлова ѝ се изречени мерки на претпазливост, вклучително и одземање на пасошите и забрана за напуштање на државата. Нејзиното семејство бара таа да замине на лекување во Софија, тврдејќи дека во Македонија нема услови за лекување на нејзината тешка дијагноза.

    Михајлова и нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров на 11 октомври за бугарските медиуми изјавија дека границата ја преминале сосема легално, преку официјален граничен премин, и дека македонските полицајци добро знаеле која е таа, но ги пуштиле да поминат. Од Министерството за внатрешни работи велат дека Михајлова не ја напуштила легално Македонија.

    Клековски, по денешната работна посета на Клиничката болница во Штип, изјави дека на средбата со колегите од бугарското Министерство за здравство ќе се утврдат и ставовите околу натамошната терапија и лекувањето во Софија на дел од повредените во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ од 16 март 2025 година.

    „На враќање, на лекарите од Кочани, на повредените и нивните семејства ќе им ги пренесам донесените мерки во врска со натамошното лекување на повредените во Бугарија. Истото тоа ќе го сторам и за натамошното лекување во Белград, каде што исто така ќе имам средба во тамошното Министерство за здравство“, рече Клековски.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира