СКОПСКА ИТ-КОМПАНИЈА МУ ДАЛА ОТКАЗ НА ЛИЦЕ СО АУТИЗАМ ОТКАКО ПРИЈАВИЛ ПСИХИЧКО ИЗЖИВУВАЊЕ ВРЗ НЕГО ОД СТРАНА НА КОЛЕКТИВОТ, КОРИСТЕЈЌИ ЈА НЕГОВАТА НЕСПОСОБНОСТ ДА ИМ ВРАТИ И ДА СЕ ОДБРАНИ

    СКОПСКА ИТ-КОМПАНИЈА МУ ДАЛА ОТКАЗ НА ЛИЦЕ СО АУТИЗАМ ОТКАКО ПРИЈАВИЛ ПСИХИЧКО ИЗЖИВУВАЊЕ ВРЗ НЕГО ОД СТРАНА НА КОЛЕКТИВОТ, КОРИСТЕЈЌИ ЈА НЕГОВАТА НЕСПОСОБНОСТ ДА ИМ ВРАТИ И ДА СЕ ОДБРАНИЛицето жали што била пропуштена шансата да дознаат колегите дека е аутистичен, да сфатат зошто изгледа различен, зошто не одговара на шеги. Дури предлагал и за тоа да се одржи обука на негов трошок, но без успех и место тоа, откако пријавил во Комисијата за дискриминација, добил отказ. (Фото: СДК.МК)

    Скопска информатичко-технолошка (ИТ) компанија која се претставува како водечка во Македонија, од 2021 година дискриминира и виктимизира вработен со аутизам преку емоционално и вербално насилство кое вклучува: исмевање, понижување, омаловажување, навредување, озборување, клевета и закани, од страна на повеќе негови колеги и колешки, според одлуката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Одлуките на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се анонимизирани за да се заштити идентитетот на пријавителите.

    По сеопфатна истрага, КСЗД утврди тешка дискриминација по перцепција врз основа на здравствена состојба во областа на работата и работните односи, сторена од страна оваа ИТ-компанијата која му дала и отказ на подносителот на претставката. Отказот уследил по поднесувањето на претставката.
    КСЗД утврди и виктимизација во областа на работата и работните односи од страна на оваа компанија, пред да му го врачи отказот на аутистичното лице.

    Жртвата во својата претставка наведува дека вкупните инциденти кон него во фирмата се стотици и затоа предмет во неа е целокупниот тренд на психолошко насилство од изминатите години и културата на мобинг што компанијата како што тврди тој, ја негува. Смета дека основната причина за обемот и долготрајноста на психолошкото насилство што го трпи како и неспособноста на раководството да го разреши проблемот, е во тоа што тој е лице на спектарот на аутизам од прв степен, без вербална или интелектуална попреченост (дијагноза Аспергеров синдром), која веќе е отстранета, но во Македонија уште се користи.

    Како најскорешни примери за нечовечно однесување од луѓето во компанијата кон него, жртвата ги наведува следните:

    Додека на 14 јануари вршел попис на основни средства во една од канцелариите, задача која ја вршел три години и за која добил пофалби и парични награди во платата, една колешка му рекла во лице дека ја нервира затоа што секоја година ги бара истите основни средства (а тоа е поентата на пописот секоја година). Му упатила и повеќе саркастични „досетки“ во врска со пописот.

    „Станува збор за истата колешка која во април 2023 година кога ме сретна во ходник со папка, ми рече: ‘Да знаеш како ми иде да ти го треснам тоа у носот!’ “.

    Исто така, пред да ја поднесе претставката во Комисијата за дискриминација, додека пиел кафе во бифето, колешка од компанијата и колега од фирма-ќерка разговарале пред него како е тој ненормален, а разговорот бил инспириран од негова реакција на работа што ја доживеал во јуни лани како последица на хронично психолошко насилство од страна на друга колешка.

    Тие се изживувале со човекот, неземајќи предвид дека има редукција во комуникацијата и има потпросечно низок капацитет за самоодбрана. Долгогодишната жртва со аутизам ги пријавувал инцидентите кај работодавачот, но тој не презел силни мерки и не му обезбедил безбедна средина за работа. Некои малтретирања престанале, а дел од тие колеги престанале да вршат мобинг врз него, но инцидентите не престанувале. Поради тоа и претставката лицето со аутизам ја поднел против работодавачот, а не против конкретен вработен.

    Подносителот смета дека во компанијата преовладува култура на дискриминација кон невродивергентните лица, која што е последица на културата на неказнивост, како и екстремно ниската свест околу невродивергентноста , а особено спектарот на аутизам.

    Во 2025 година вработена колешка, специјалист по право, предложила да има обука на вработените по инцидентите врз колегата со аутизам, но тој предлог бил одбиен. Тој жали што била пропуштена шансата да дознаат колегите дека е аутистичен, да сфатат зошто изгледа различен, зошто не одговара на шеги. Дури предлагал и за тоа да се одржи обука на негов трошок.

    Место тоа, му било предочено да се прилагоди на условите за работа во фирмата и колку може, да прикрива дека е лице со аутизам. Усно му било кажано да не претерува многу – многу со упорноста, зашто ќе го разлути генералниот директор.

    Од ИТ-компанијата на КСЗД ѝ одговориле дека писмено никогаш колегата не пријавил кај нив вознемирување и малтретирање, а повиканите лица не признале дека го дискриминирале и вознемирувале. Напротив, рекле дека тој е ценет, работлив и професионален колега, но повлечен.

    Иако менаџментот пред Комисијата за дискриминација тврдел дека никој не знаел оти е аутистичен и дека никогаш писмено не пријавил инциденти, на состанок жртвата дополнително донел докази за поднесени пријави уште од 2022 година.

    И како што вообичаено се прави во приватниот сектор во Македонија, по поднесувањето на претставката во јануари тој станал и жртва на виктимизација со тоа што му го ограничиле прво пристапот до ресурсите, а веќе во март добил отказ.

    Оваа голема ИТ компанија пред КСЗД се правдала дека отказот е по закон, тоа работно место се укинува поради оптимизација. Откако одбиле да кажат дали со таа оптимизација отказ добиле и други вработени, Комисијата за дискриминација утврдила во Агенцијата за вработување дека само на подносителот на претставката му врачиле отказ.

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација донесе препорака ИТ-компанијата да го врати дискриминираното лице на работа, односно да заснива со него работен однос на неопределено време како што си бил пред да ја поднесе претставката и да добие отказ поради тоа. Ова треба да го направи во рок од 30 дена од приемот на донесеното Мислење од Комисијата и за тоа да ја извести.

    Се препорачува компанијата да воспостави ефективен механизам за спречување и заштита од дискриминација на работното место, преку донесување внатрешни акти во насока на обезбедување еднаков третман на вработените и за тоа во истиот рок, да ја извести Комисијата.

    Ако не постапи, таа ќе ја пријави ИТ-компанијата пред надлежен суд. Евентуалната таква пресуда во корист на дискриминираното и виктимизираното лице со аутизам, избркано од работа само зашто пријавило терор, би била силен аргумент во натамошни негови судски постапки против компанијата пред домашните судови и во Стразбур.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира