Двајца болни со западно-нилска треска се лабораториски потврдени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, кажа директорот д-р Фадил Цана. Двајцата пациенти се хоспитализирани, под континуиран медицински надзор и се лекуваат согласно современите медицински препораки. Нема информации каде се заразиле болните.
„Нивната здравствена состојба внимателно се следи“, вели д-р Цана.
Западно-нилската треска е вирусно заболување кое се пренесува преку убод од инфициран комарец. Најголем дел од инфицираните лица немаат симптоми или имаат лесна клиничка слика, додека кај мал број пациенти, особено кај повозрасни лица и лица со ослабен имунитет, може да се развијат потешки невролошки компликации.
Од Клиниката за инфективни болести апелираат до граѓаните доследно да ги почитуваат мерките за лична заштита од убоди од комарци: користење репеленти, носење облека со долги ракави и ногавици при престој на отворено, поставување заштитни мрежи на прозорците и отстранување на застојаната вода во околината, каде што комарците се размножуваат.
Во моментов нема причина за паника, но постои потреба од зголемена претпазливост, особено во летниот период кога активноста на комарците е најголема. Граѓаните кои по убод од комарец ќе развијат висока температура, силна главоболка, вкочанетост на вратот, нарушена свест или други невролошки симптоми треба веднаш да побараат медицинска помош.



