Штипски археолози открија голема и мошне значајна некропола кај археолошкиот локалитет Баргала, кој се наоѓа во подножјето на планината Плачковица, во близина на селото Козјак, во Општина Карбинци.
„Проектот, поддржан од Министерството за култура, е во почетна фаза, па засега на Џамалиски гробишта, на оддалеченост од 500 метри од античкиот град Баргала, се откриени осум гробни места. Според првичните сознанија, тие потекнуваат од 4, 5 и 6. век, односно од периодот кога постоел и градот Баргала. Со оглед на неговата големина во тоа време, логично е во негова близина да постои една ваква голема некропола“, вели археологот Митко Штерјов.
Според неговите првични проценки, новооткриената некропола се простира на површина поголема од пет хектари и се наоѓа меѓу локалитетот Баргала и течението на Козјачка Река.
„Во некрополата на која сега работиме се пронајдени остатоци од пет погребани возрасни лица и една гробница на помало лице. Досега откривме осум гробници со слични димензии и од истиот период, но просторот од пет хектари допрва ќе се истражува“, вели Штерјов.
Тој додава дека на овој локалитет уште во 2012 биле затекнати диви копачи.
Штерјов и неговите колеги кои работат на проектот досега не успеале да пронајдат монети и слични предмети од тоа време, освен керамички артефакти што датираат од периодот на градот Баргала. Градот во 5. и 6. век прераснал во голем црковен центар, еден од најголемите на Балканот во тоа време. Според досега откриените историски податоци, неговите епископи, заедно со епископите од другиот антички град Стоби, редовно присуствувале на црковните собири што се одржувале во тие векови во регионот.
Штерјов додава дека коските од откриената некропола кај месноста Џамалиски гробишта се чуваат во музејот во Штип. Ќе се бараат средства за реализација на нов проект, со кој би се инсталирала археолошка лабораторија за ДНК и други анализи, како што било направено и во странство со остатоците од археолошкиот локалитет кај селото Крупиште. Таму било утврдено дека т.н. праисториски човек Славе датира од периодот меѓу 7.000 и 6.000 години пред нашата ера.
Т. ЈОВАНОВСКИ



