Голем пожар зафати бар во Бангкок, при што загинаа најмалку 27 луѓе, а повеќе од 20 се критично повредени. Пожарот избувнал близу бината во барот во популарната област Чатучак, при што брзо се проширил, исполнувајќи го просторот со чад, изјавија очевидци.
Пожарникарите кои пристигнале на местото набргу после полноќ го изгаснале пожарот за половина час. Најголемиот број на жртвите се пронајдени во тоалетите, каде што веројатно се обиделе да пронајдат засолниште.
„Барот има два излеза во случај на пожар. Еден бил попречен од гајби со пиво, а другиот со маса, што ја отежнало евакуацијата“, изјави гувернерот на Бангкок, Чадчарт Ситипунт.
Првичната истрага покажала дека пожарот најверојатно бил предизвикан од електричен спој во клима уред, но ова засега не е официјално потврдено.
„Имаше експлозии и сите се обидуваа да избегаат од чадот и пламенот. Многу луѓе не успеаја да излезат од барот, туку отидоа во задниот дел од зградата и се обидоа да се сокријат во тоалетот“, изјави еден музичар кој настапувал вечерта.
Во пожарот се повредени 63 луѓе, од кои 22 се во критична состојба.



