Германскиот производител на батерии „Варта“ потврди дека поднел барање за стечај, во обид да ја обезбеди својата економска иднина и да овозможи одржливо продолжување на своето работење. Според компанијата, ова влијае не само на матичната компанија на групацијата „Варта“ со седиште во јужна Германија, туку и на нејзините оперативни подружници.
Како главни причини за обновената криза, компанијата ги наведе значително влошените пазарни услови, послабата побарувачка, негативните ефекти од девизниот курс и одлуката на клучен клиент да го прекине партнерството.
Овој потег следува по веста дека „Варта“ се соочува со потенцијален распад бидејќи големите инвеститори сакаат да го продадат бизнисот со батерии за домаќинства. Независна анализа откри дека „Варта“ итно има потреба од милиони евра дополнителни средства. И покрај интензивните разговори, никој не бил спремен да обезбеди дополнителен капитал.
Компанијата вработува околу 3.260 луѓе, од кои многумина во седиштето во Елванген. Таа последен пат ги објави своите финансиски бројки во 2024 година, кога имаше загуба од 64,5 милиони евра.



