„ДУПЛО ДНО“ ПРОТИВ  КВАЗИУМЕТНИЦИ И ПОЛТРОНИ ВО БИТОЛСКИ ТЕАТАР

    „ДУПЛО ДНО“ ПРОТИВ  КВАЗИУМЕТНИЦИ И ПОЛТРОНИ ВО БИТОЛСКИ ТЕАТАРМартин Мирчевски брилјираше во улогата на Јаков во „Дупло дно“ на Горан Стефановски што во Битолски театар ја режираше Ангелчо Илиевски (Фото: СДК.МК)

    Напишан е пред 34 година, а ја отсликува денешната состојба во општеството. „Дупло дно“, култниот текст на Горан Стефановски доживеа уште една нова изведба, овој пат од Народниот театар од Битола, во режија на младиот Ангелчо Илиевски. Битолчаните на синоќешната премиера  доживеаја дежа ву за одредени личности од сегашноста кои и покрај некомпетентноста држат функционерски, уметнички, советнички места.

    Улогата на Божо, министерот за култура, квазифункциониер и писател  ја играше прочуениот актер Петар Мирчевски. Божо е член на управни одбори, научни друштва, цел живот цица од државни јасли и ги мрази сите вистински уметници. Полуписимен, на другите уметници им ја гуши слободата. Вели „слободата се истребува како заразна болест, луѓето сега копнеат кон ропството“.

    Прочуениот актер Петар Мирчевски во „Дупло дно“ игра со двата сина Филип и Мартин (Фото: СДК.МК)

    Во претставата играат и двата сина на Мирчевски, Филип и Мартин. Филип во улога на специјален советник на министерот, а не ја знае ни азбуката. Полтрон, кој чека министерот  да му каже што да мисли. На  местото се добрал кодошејќи го вистинскиот уметник Јаков, кого го игра Мартин, за тоа како со гас маска доаѓал на факултет, држел предавања, штрајкувал со глад, пишувал пароли по фасадите и друго. Претставата е крик против  бирократијата од уметничка провиниенција.

    Мартин Мирчевски брилјираше во улогата на Јаков. Со физичкиот изглед, емоциите и гласот, Мартин успеа да долови еден обесправен интелект, кој размислува со своја глава, ја зборува вистината која не сака да ја чуе општеството и затоа е во немилост. Тој вели дека секое дно е дупло дно.

    „Одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги. Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божиќ. Одбивам да шетам со цревата в раце, да гледам како нестручно ме оперирате, сечете и шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себе. Не сакам седативи. Имам волја и разум и ја преземам одговорноста за својот живот“, вели Јаков. На крај вели „сите држави, сите цивилизации имаат такви дна, никој не ги чисти. Историјата на светот е историја на дупнати дна“.

    Запрашан каква е позицијата на денешниот уметник кај нас наспроти стегите и слободата, особено сега кога повеќето актери се преселија од сцена на митинзи, режисерот Илиевски рече: „Уметникот треба да биде будното око на општеството, да ги следи сите аномалии и да најде начин како тоа да го искоментира на сцена. Местото на уметникот е на сцена. Секој тргнува од своја побуда и немам право да осудувам некого. Слободата е состојба на умот и не мислам дека некој нѐ држи во пранги. Никому не му се стегнати мислите, рацете и размислувањата, секој има право да го прави она што сака“, рече Илиевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира