Постои сомнеж дека најмалку 30 деца – од кои повеќето се британски државјани – се зачнати со постапка за ин витро оплодување во Северен Кипар при што биле користени погрешни донатори на сперма или јајце-клетки. Во секој од случаите, родителите се сомневаат дека не ги добиле донаторите што претходно ги избрале.
Оваа бројка е еден од неколкуте нови наоди од истражувањето „на Би-би-си“, кое претходно оваа година ги откри првите седум случаи. Сите родители тврдат дека внимателно ги избирале анонимните донатори врз основа на информации како што се нивната здравствена историја, изглед, карактер, образование и хобија. Сепак, тие стравуваат дека во постапките за плодност можеби не биле искористени донаторите на сперма и јајце-клетки што ги побарале.
Половина од овие 30 деца се родени по постапки извршени во една клиника – „Догуш ИВФ центар“.
„Тоа е апсолутно скандалозно“, изјави една од мајките, Рејчел, која неодамна дознала дека од клиниката добила погрешен донатор на сперма.
Три лица – д-р Фирдевс Угуз Тип, д-р Шевкет Алптурк и координаторката за пациенти Џули Ходсон – биле вклучени во грижата за многу од овие пациенти во клиниката „Догуш“. Родителите се сомневаат дека овие вработени можеби ги довеле во заблуда. Фирдевс негира каква било неправилност, а ниту Алптурк, ниту Ходсон не одговорија на прашањата од „Би-Би-Си“.
„Би-Би-Си“ исто така дозна дека најголемата светска банка за сперма, „Криос интернешенал“, ја има ставено клиниката „Догуш“ на црната листа уште од 2016. година.
Во Северен Кипар – територија каде што не важат законите на Европската Унија и која е правно признаена само од Турција – клиниките се слабо регулирани и им ветуваат на пациентите ниски цени, високи стапки на успешност и широк избор на донатори на сперма и јајце-клетки. Тоа е една од најпопуларните дестинации за Британците кои бараат третман за плодност во странство.



