Седумдесет и тригодишен скопјанец од населбата Ново Лисиче почина од западнонилска треска, со што вкупната бројка на смртни случаи од оваа инфекција се искачи на пет лица, соопшти денеска директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана. Пациентот се лекувал на одделот за интензивна нега 22 дена, бил на респираторна поддршка и имал повеќе придружни хронични заболувања.
На Инфективната клиника во моментов се хоспитализирани 21 пациент. Кај 18 лица е потврдена тешка невроинвазивна форма на вирусот, додека тројца се водат како сомнителни случаи. Четворица од заболените се наоѓаат во критична состојба на интензивна нега, а останатите се сместени на одделот за невроинфекции.
Приливот на нови пациенти е секојдневен, па капацитетот постојано се пополнува со околу дваесетина лица. Најтешката клиничка слика е забележана кај повозрасните граѓани, но меѓу хоспитализираните има и млади лица, од кои најмладиот пациент е на 25-годишна возраст. Досега од клиниката се испишани 19 излекувани пациенти.



