Трговците на големо треба да ги намалат најмалку за 10 отсто цените на училишниот прибор, а трговците на мало за најмалку 15 отсто. Оваа одлука е донесена на денешната владина седницо со цел, како што кажа портпаролката, Марија Митева, семејствата да ги намалат трошоците пред почетокот на учебната година.
Трговците се должни покрај новата, намалена цена на производот, да ја прикажат и старата цена која важела на 1 јуни и која се зема како базична врз основа на која се утврдува намалувањето.
„Мерката опфаќа широк спектар на производи кои се неопходни за почетокот на учебната година. Ќе ми дозволите овде да ги набројам, сè со цел да бидат семејствата и граѓаните запознаени: ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала, боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст-маркери, темперни, акрилни и водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни, како и материјали за изработка. Практично, сè што е потребно за стартот на учебната година“. кажа Митева.
Одлуката стапува на сила од денеска и ќе важи до 30 септември.



