Националната и универзитетска библиотека (НУБ) „Свети Климент Охридски“ во Скопје ја објави аудиокнигата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков, а годинава планира да го реализира и аудиоизданието на „Огледало“ од Кирил Пејчиновиќ, вели директорот Јовица Никчевски.
Аудиокнигата „За македонцките работи“ беше реализирана минатата година, во рамки на одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на современиот македонски јазик. Проектот е дел од програмата на НУБ за промоција и приближување до јавноста на значајни и ретки публикации од библиотечниот фонд поврзани со македонскиот јазик.
За читањето на делото Библиотеката објавила јавен оглас, со намера во проектот да бидат вклучени студенти. По аудицијата во тонското студио на НУБ, за читањето била избрана студентката Лина Станоевска-Пума.
„’За македонцките работи’ не е едноставна да се чита. Изобилува со историзми и архаизми, значи, не може секој да го чита тоа. Имаме тонско студио каде што се снимаше тоа и феноменално звучеше. Нашата идеја е да ги снимаме тие книги кои се ретки, кои се недостапни, така да кажам, меѓутоа се од голем интерес и од големо значење за Република Македонија. Наскоро, пак ќе пуштиме јавен оглас. Тоа исто ќе биде насочено кон студентите. Без оглед на кој факултет се, без оглед на кој универзитет, сите можат да се пријават. Формираме комисија и се прави аудиција кај нас во тонското студио. Тоа е интересен процес, бидејќи ни доаѓаат многу деца кои сакаат да читаат, меѓутоа работата не е лесна ни малку. Едно е да се чита драма, а друго е да го читате Мисирков или Пејчиновиќ. Тие стари книги се малку поголем зафат“, додава Никчевски.

Аудиокнигата „За македонцките работи“ беше реализирана минатата година, во рамки на одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на современиот македонски јазик. (Фото: К. Попов)
Аудиокнигата „За македонцките работи“ засега е достапна на цеде и во дигитална форма, а планот е аудиоизданијата наскоро да бидат достапни и онлајн.
Во библиотеката во моментов се развива и платформата „Весници МК“, која е во пробна фаза. Целта е преку платформата корисниците да имаат дигитален пристап до весници, списанија и други сериски публикации што се дел од фондот на НУБ.
Во првата фаза, платформата ќе биде достапна за членовите на библиотеката, кои ќе можат да пристапат со своето корисничко име и лозинка, без дополнителни трошоци. Во следната фаза се планира и онлајн зачленување, со што пристап до дигиталните содржини би имале и корисници кои се надвор од земјата.
„Ќе може да се пристапи до весник, списание, до нашите библиографии, но нема да може да се даунлодираат поради авторски права. Мислам дека тоа е еден многу голем исчекор за Библиотеката, бидејќи постојано нашите корисници бараат сериски публикации. Ги бараат ‘Вечер’, ‘Нова Македонија’, ‘Македонски глас’, тоа се весници кои се од самата независност на Република Македонија и им се потребни и за истражување и за настани. Ќе ги има на располагање 24 часа без да доаѓате во библиотеката. И на истата таа платформа ќе одат и аудиокнигите што ќе ги снимаме. Исто и тие ќе можат да се слушаат, но не и да се даунлодираат поради авторски права“, рече Никчевски.
Покрај дигитализацијата, НУБ најавува и отворање книжарница, антикварница и сувенирница во просторот на библиотеката, на местото каде што до неодамна се наоѓаше Институтот „Конфуциј“. Во новиот простор ќе се продава издавачката продукција на библиотеката, како книги, аудиокниги и различни изданија и едиции, но и сувенири. Од НУБ очекуваат новиот простор да одговори и на зголемениот интерес од посетителите и туристите, особено во пресрет на „Скопје 2028“, кога градот ќе биде Европска престолнина на културата.
Б. НЕСТОРОСКА



