Српскиот државјанин Д. П. (34) доби две парични казни од по 1.500 евра за кривичното дело Безобѕирно управување со моторно возило, соопшти Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци. Тој е осуден во Основен суд Неготино, откако во саботата вечер беше уапсен на границата со Србија. Во два наврти возел близу Демир Капија со дупло поголема брзина од дозволената враќајќи се од одмор од Грција.
„На 29 август во 23:20 часот, на Граничниот премин Табановце, на излез од државата, полициски службеници го лишиле од слобода Д. П. (34) од Република Србија, откако при проверка на патничко возило ‘шкода’ со српски национални ознаки, управувано од него, преку системот ‘Безбеден град’ било констатирано дека во два наврати бил евидентиран како сторител на кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик – Безобѕирно управување со моторно возило. Делото го сторил 22 август годинава, во 13:42 часот, на автопатот А1, во близина на Демир Капија, Д.П. управувал со возилото со брзина од 163 километри на час, а на 20 август, во 19:40 часот, на истата делница, повторно управувал со брзина од 169 километри на час. Во двата случаи на место каде што максимално дозволената брзина изнесува 80 километри на час“, соопшти Ана Милевска-Ѓорѓиева, портпаролка на СВР Велес.
Во последниве седум дена, на територијата на ОЈО Кавадарци, кое го покрива делот на автопат каде е случена делото, Градско-Демир Капија, биле примени пет кривични пријави за странски државјани за Безобѕирно управување со моторно возило. Освен српски државјани сторители биле државјани на Холандија и Шведска.
„За овој период од седум дена на пет странски државјани изречени им се максималните четири парични казни во висина од 1.500 евра и една парична казна од 1.000 евра. Истите се веднаш платени“, соопштија од ОЈО Кавадарци.
Ако сторителот на кривичното дело Безобѕирно управување со моторно возило драстично ја надмине дозволената брзина, со повеќе од 70 км во населено место или 90 надвор од населено место, а возачот веќе има изречена претходна сообраќајна осуда, возилото се одзема, се вели во Кривичниот законот член 297 и член 300.
Во вториот случај на казнетиот српски државјанин Д. П., при сторувањето на вториот прекршок за само еден километар помалку изебгнал да му биде одземено возилото. Го управувал со 169 км, а доколу возел 170 км возилото ќе му било одземено.
П. ПЕЧКОВ



