АВСТРИСКАТА ТРЕНЕРКА ДОЈДЕ СО БЕБЕТО ВО КРУШЕВО НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ПАРАГЛАЈДИНГ, НАПРАВЕНИ ДВЕ НОВИ ПОЛЕТИШТА СО ПАРИ ОД ЕУ

    АВСТРИСКАТА ТРЕНЕРКА ДОЈДЕ СО БЕБЕТО ВО КРУШЕВО НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ПАРАГЛАЈДИНГ, НАПРАВЕНИ ДВЕ НОВИ ПОЛЕТИШТА СО ПАРИ ОД ЕУЕдното од новите полетишта е свртено кон Крушево и отвора панорамски поглед кон градот и Македониумот на Гумење. (Фото: СДК.МК)

    Четири и пол месечната Паула летово беше најмладиот „член“ на австрискиот јуниорски тим за параглајдинг во Крушево. Наместо играчки и количка, нејзиниот прв голем пат ја донесе во градот на параглајдерите, каде што нејзината мајка Ели Ека пристигна како тренерка на австрискиот јуниорски тим. Ека ни ова лето не можеше да му одолее на небото над Крушево, па допатува со бебето.

    „Јас сум тренерка на австрискиот јуниорски тим и многу сум среќна што дојдов во Крушево. Сум се натпреварувала самата многу пати досега. Ова е одлично место за летање. Овој пат имаме принова со нас, а тоа е четири и пол месечната Паула. Таа се грижи за целиот тим“, се пошегува Ека.

    Од 22 до 30 август Крушево беше домаќин на Светското јуниорско првенство во параглајдинг, но во исто време градот покажа дека неговата приказна со параглајдингот не завршува со натпреварите.

    Центарот за параглајдинг на Мечин Камен доби нови содржини. Со две нови полетишта кај Црн Врв, Крушево практично го проширува својот капацитет за параглајдинг и создава услови за уште поголем број пилоти и натпревари.

    Новите полетишта се изградени преку прекуграничниот проект „Крушево и Елбасан – Патување во природа и авантура“, финансиски поддржан од Европската Унија преку ИПА III Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија.

    Ели Ека ни ова лето не можеше да му одолее на небото над Крушево, па допатува со бебето. (Фото: СДК.МК)

    На површина од 2.008 квадратни метри е поставена висококвалитетна вештачка трева, а дополнителни 1.503 квадратни метри се уредени со природна трева. Новите полетишта треба да донесат поголема безбедност за пилотите, подобри услови за меѓународни натпревари и можност слободните параглајдеристи безбедно да полетуваат и во периодите кога на постојното полетиште се одржуваат натпревари.

    Едното од новите полетишта е свртено кон Крушево и отвора панорамски поглед кон градот и Македониумот на Гумење. Под нозете е Пелагонија, а пред пилотите небото.

    „Доаѓаме тука 10 години. Ние сме вљубени во ова место. Тука сме секој август, а леталиштето е рај за нас“, вели Нина Х’јел, параглајдеристка од Норвешка.

    Крушево од мај до септември е домаќин на параглајдинг натпревари. На секој од нив доаѓаат од 200 до 300 учесници, а во текот на сезоната низ градот минуваат околу 5.000 спортисти.

    „Инвестициите во параглајдингот се значајни за идниот развој на Крушево како дестинација и пример како природниот потенцијал се претвора во конкретна развојна можност за градот и неговите жители“, вели градоначалникот Нико Чонески.

    Новите полетишта се само еден дел од проектот. Во Крушево е предвидено и подобрување на спортско-рекреативниот центар „Гумење“, со нови пешачки патеки, осветлување, уредување на спортските терени и простор за настани и фестивали. Токму тоа е она што, според луѓето од параглајдингот, му недостига – повеќе содржини за времето кога пилотите не се во воздух.

    „Овие две полетишта имаат голем потенцијал да бидат на самиот врв, ако не и најдобри во целиот свет. Но, да не заборавиме дека пилотите летаат четири до пет часа дневно. Некогаш времето не е добро и не може да се лета, па треба да се најдат решенија како да се помине времето. Двата авантуристички паркови кои ќе се изградат звучат како феноменална идеја за тоа“, вели Бил Хлуз, претседател на Комисијата за параглајдерство и змајарство при Меѓународната аеронаутичка федерација.

    Од 22 до 30 август Крушево беше домаќин на Светското јуниорско првенство во параглајдинг. (Фото: СДК.МК)

    Горан Димишковски, претседател на Светскиот параглајдинг куп, смета дека новите полетишта се одлично изведени, но дека Крушево мора да продолжи да инвестира и во останатата инфраструктура и понуда.

    „Останува да се направи и горниот старт, кој гледа на запад и југозапад и сега е запуштен, па се користи со одредени импровизации. Развојот на содржините во градот мора да го следат трендот. Има неколу кафани, понудата е секогаш иста. Параглајдеристите по три дена заминуваат во Прилеп, Битола, Охрид, зашто во Крушево е ограничена понудата. Подобрени се хотелите, услугите се подобри, но понудата мора да биде поразновидна“, вели Димишковски.

    Од другата страна на границата, во Албанија, во туристичката област Фунар кај Елбасан, предвидена е изградба на авантуристички парк, нов паркинг и пешачки и велосипедски патеки, како и отворање на туристичка патека до кањонот Допај со туристичка сигнализација.

    „Како резултат на овој проект двете општини стануваат места за туризам каде природата и авантурата се сретнуваат меѓусебно“, вели Ирланд Сина, заменик градоначалник на Елбасан.

    Вкупната вредност на проектот „Крушево и Елбасан – Патување во природа и авантура“ е 833.204 евра, од кои 85 проценти се обезбедени од Европската Унија. Носител е Општина Крушево, а партнери се Центарот за одржлив развој АЛКА од Скопје, Општина Елбасан и организацијата „Тјетер Визион“ од Албанија.

    „Овие инвестиции уште повеќе ќе ги зајакнат можностите на Крушево за поголема препознатливост на светско ниво за параглајдерството. Покрај тоа, проектот нуди и активности Крушево да даде подобра туристичка понуда, да доаѓаат туристи, да остануваат повеќе и да се прошири туристичката понуда“, рече Бен Нупнау, вршител на должноста шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.

    Проектот не ги поврзува само Крушево и Елбасан на административна карта. Програмата за прекугранична соработка меѓу двете држави опфаќа шест региони со речиси 44 општини и околу 1,3 милиони жители.

    Крушево веќе е запишано на светската мапа на параглајдингот. Со новите полетишта и прекуграничната соработка со Елбасан, целта е оваа приказна да полета уште подалеку – од спортот кон авантуристичкиот туризам и кон нови посетители кои во Крушево ќе најдат причина не само да полетаат, туку и да останат.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    „Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира