ВО МАКЕДОНИЈА ПРВПАТ СЕ СПРОВЕДУВА ГЕНЕТСКО ПРЕБРОЈУВАЊЕ НА КАФЕАВАТА МЕЧКА

    ВО МАКЕДОНИЈА ПРВПАТ СЕ СПРОВЕДУВА ГЕНЕТСКО ПРЕБРОЈУВАЊЕ НА КАФЕАВАТА МЕЧКАИстражувањето ќе се спроведе на Скопска Црна Гора, Шар Планина, Пелистер, Ниџе и Кожуф (Фото: МЕД)

    Македонското еколошко друштво (МЕД), во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, започна со генетскиот мониторинг на кафеавата мечка, што за првпат се спроведува на национално ниво. Активноста е дел од петгодишниот меѓународен проект „Зачувување на популацијата на кафеава мечка во Динарско-пиндскиот масив“.

    Генетското пребројување ќе ја опфати целата динарско-пиндска популација на кафеавата мечка, од Алпите до Егејското Море, која е и најголема во Европа со околу 4.000 единки. Во Македонија, истражувањето ќе се спроведе на Скопска Црна Гора, Шар Планина, Пелистер, Ниџе и Кожуф, а целта е до крајот на 2026 да се соберат 900 генетски примероци.

    Генетскиот мониторинг претставува неинвазивно собирање генетски примероци од материјал што животните го оставаат во околината. Во случајот со мечката, ќе собираме примероци од измет, од кои потоа ќе го читаме генотипот на секоја единка како своевиден генетски отпечаток од прст“, вели Александар Стојанов, координатор на проектот во МЕД.

    Освен за бројноста на кафеавата мечка, која е строго заштитен вид во земјава, генетското пребројување ќе даде податоци и за нејзините распространетост и генетска разновидност.

    Проектот е кофинансиран преку програмата „LIFE“ на Европската Унија, во кој учествува 21 партнер од девет европски земји.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира