НАД ПЕТ МИЛИОНИ РОБОТИ ВЕЌЕ РАБОТАТ ВО ФАБРИКИТЕ ШИРУМ СВЕТОТ, ХУМАНОИДИТЕ СЀ УШТЕ СЕ ВО ФАЗА НА ТЕСТИРАЊЕ

    НАД ПЕТ МИЛИОНИ РОБОТИ ВЕЌЕ РАБОТАТ ВО ФАБРИКИТЕ ШИРУМ СВЕТОТ, ХУМАНОИДИТЕ СЀ УШТЕ СЕ ВО ФАЗА НА ТЕСТИРАЊЕГодишните инсталации скокнаа за 11 проценти и за првпат надминаа 600.000, достигнувајќи 603.000 единици. (Фото: Хјундаи)

    Повеќе од пет милиони индустриски роботи во моментов работат во погоните ширум светот, што претставува највисока бројка забележана досега, покажува годишниот извештај Светска роботика на Меѓународната федерација за роботика (ИФР). Истовремено, одложувањето на излегувањето на берза на „Бостон дајнамикс“ и забавувањето на јавните понуди на хуманоидни роботи од страна на кинеските регулатори го покажуваат сè поголемиот јаз меѓу практичните машини и хуманоидите кои привлекуваат внимание во јавноста.

    Вкупниот оперативен фонд на индустриски роботи минатата година порасна за девет проценти и достигна приближно 5,08 милиони единици, соопшти ИФР, организација со седиште во Франкфурт која ја следи оваа индустрија речиси три децении и претставува повеќе од 3.000 организации ширум светот.

    Годишните инсталации скокнаа за 11 проценти и за првпат надминаа 600.000, достигнувајќи 603.000 единици. Претседателката на организацијата, Џејн Хефнер, вели дека индустриската автоматизација напредува со голема брзина и дека новата граница од пет милиони оперативни роботи во фабриките е повеќе од двојно поголема од бројката пред седум години. Таа додава дека најсилен раст се бележи во Азија, по што следуваат Северна и Јужна Америка, додека Европа напредува побавно.

    За разлика од европскиот пазар, Кина дополнително го зголеми своето водство со инсталирани 354.000 роботи, што претставува раст од 20 проценти и опфаќа 59 проценти од сите глобални инсталации. Соединетите Американски Држави ја престигнаа Јапонија и станаа втор најголем светски пазар со инсталирани речиси 38.500 единици, што е раст од 12 проценти.

    Наспроти класичните фабрички машини, хуманоидните роботи остануваат незначителен пазар. Минатата година во светот беа продадени само околу 7.000 хуманоиди за индустриска и професионална намена, соопшти ИФР во посебен извештај, со кој за првпат започна да ја следи оваа категорија. Многу од нив беа набавени за собирање податоци за обука на модели со вештачка интелигенција, а производителите на возила кои ги тестираат обично користат помалку од десет машини. Банката на Америка сепак предвидува 90.000 испораки на хуманоиди годинава и 1,2 милиони единици до 2030 година.

    Јазот меѓу очекувањата и реалноста е видлив и на берзите. „Бостон дајнамикс“, компанија во сопственост на „Хјундаи“, најверојатно нема да понуди акции на берзата следната година бидејќи нејзиниот хуманоиден робот Атлас сè уште не се применува масовно, а компанијата работи со загуба, соопшти висок претставник на „Хјундаи“. Во Кина, регулаторите со неформални упатства го забавија бранот јавни понуди откако вредноста на акциите на производителот „Јунитри“ порасна за повеќе од петпати при дебито на берзата во Шангај на 19 август, по што падна за 55 проценти од највисокото ниво.

    Илон Маск исто така отворено зборуваше за тешкотиите со програмата Оптимус во „Тесла“, велејќи им на инвеститорите дека тоа ќе биде најтешкиот производ за масовно производство што некогаш го создале во компанијата, бидејќи сè на роботот е ново и сè уште не постои развиен синџир на снабдување.
    Во извештајот се предупредува и дека многу од демонстрациите на хуманоидите се лажни, компјутерски генерирани или режирани, додека вистинските презентации често прикажуваат однапред снимени рутини или далечинско управување од страна на човек. Како најповолна средина се наведуваат структурираните простори како фабриките и складиштата, каде што роботите на тркала и фиксните роботски раце ќе се применуваат најбрзо бидејќи се поевтини и полесни за прилагодување. Директорот на „Пикник роботикс“, Дејв Грант, прашува зошто примената би се ограничувала само на човечкиот облик, кога прецизноста на ниво на човек, сигурната автономија надвор од контролирани услови и непостоењето главна комерцијална примена остануваат клучни пречки за хуманоидите, заедно со нерешените прашања за одговорност и осигурување.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира