Белата куќа ја брани својата нова портпаролка Кејти Закарија, додека таа се соочува со критики за нејзините правни квалификации. Претседателот Доналд Трамп ја опиша Закарија како адвокатка кога го објави нејзиното назначување минатата недела, а и таа се нарекува така себеси.
Но, кога на нејзиниот прв брифинг во вторникот еден новинар ја праша во која држава го положила правосудниот испит потребен за да се биде адвокат во САД, таа рече: „Кога се преселив во Кина“.
Се чини дека Закарија не е регистрирана во адвокатската комора во ниту една сојузна држава каде што живеела. Директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чеунг, рече дека Закарија е „уникатно квалификувана и е многу паметна за да помогне во информирањето на американскиот народ“.
Одговарајќи на прашања за нејзините квалификации, Закарија изјави:
„Јас практикував меѓународно трансакциско право, со сите соодветни квалификации“.
Групата за надзор „Кампања за одговорност“ вчера поднесе жалба до калифорниската адвокатска комора. Тие бараат истрага за тоа дали Закарија се претставувала во јавност како да има право да се занимава со адвокатура без лиценца за тоа, однесување кое калифорнискиот закон го третира како кривично дело.
Четириесет и двегодишната Закарија дипломирала на правен факултет на Универзитетот Пепердин во Калифорнија во 2011 година, потврдија оттаму. Дипломата по право не е лиценца за практикување право во САД.
Закарија го полагала правосудниот испит во Калифорнија откако дипломирала, но паднала, според „Вол стрит џурнал“. Правосудниот испит во Калифорнија се смета за еден од најтешките во САД. Таа се преселила во Пекинг поради работата на нејзиниот сопруг и, како што изјави, таму работела во меѓународно трансакциско право.
Во Кина, само кинеските државјани имаат право да добијат лиценца за вршење адвокатска дејност. Странците можат да работат во адвокатски фирми на други работни места.



