Богатите припадници на Генерацијата Зед сè повеќе вложуваат во уметноста, трошејќи повеќе од која било друга возрасна група, покажува најновото истражување на „Арт Базел“ и Ју-Би-Ес (UBS) за глобалните колекционерски навики. Извештајот го објави Клер Мекендру, основачка на „Артс економикс“, а во истражувањето учествувале 3.100 лица со висока нето-вредност на личниот имот, од кои секој поседува најмалку еден милион долари личен нето-имот, без да се земаат предвид недвижностите и приватните деловни субјекти.
Генерацијата Зед, која опфаќа лица на возраст од 20 до 29 години, т. е. родените помеѓу 1995 и 2010 година, сочинувала само 9 отсто од испитаниците, но оваа група од 279 лица покажала исклучително активен интерес за колекционерството. Во 2025, нејзините припадници пријавиле највисоки просечни издвојувања за ликовна уметност, и тоа со значителна разлика. Секој од нив во просек потрошил 347.460 долари, што претставува зголемување од 19 отсто во однос на претходната година и повеќе од двојно во споредба со која било постара генерација.
Кај сите испитаници заедно, просечната потрошувачка во 2025 изнесувала 124.265 долари, што е зголемување од 13 отсто во однос на 2024 . Само во првата половина на 2026, вкупните издвојувања веќе го надминале просекот што Генерацијата Зед го остварила во текот на целата 2025. Според Мекендру, резултатите ги побиле стравувањата што често се повторуваат во уметничкиот пазар, дека помладите купувачи се помалку заинтересирани за колекционерство.
Бројот на купени уметнички дела бил приближно сличен кај сите генерации, што значи дека повисоките трошоци произлегуваат од купувањето поскапи дела. Само 1 отсто од колекционерите во периодот опфатен со истражувањето купиле уметничко дело вредно над еден милион долари, но припадниците на Генерацијата Зед сочинувале речиси половина од овие купувачи. Дури 13 отсто од испитаниците од Генерацијата Зед потрошиле повеќе од еден милион долари само во првата половина на 2026 година, во споредба со 3 отстоод сите испитаници.
Сепак, важно е да се земе предвид еден фактор: овие лица не се просечни посетители на галерии во своите дваесетти години. Семејното богатство има значајна улога во оваа група. Додека 15 отсто од сите испитаници изјавиле дека нивното богатство потекнува главно од семејни извори, кај Генерацијата Зед тој процент изнесувал 37 отсто. Околу 40 отсто од помладите колекционери изјавиле дека семејното влијание ги поттикнало да се занимаваат со колекционерство, наспроти 28 насто од сите анкетирани.



