ПО ЗАТВОРСКАТА КАЗНА, ТЕКСТ НА ОСУДЕНИОТ БИТОЛСКИ ГРАДОНАЧАЛНИК ТАЛЕСКИ СЕ ПОСТАВУВА ВО ДРАМСКИОТ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕ

    ПО ЗАТВОРСКАТА КАЗНА, ТЕКСТ НА ОСУДЕНИОТ БИТОЛСКИ ГРАДОНАЧАЛНИК ТАЛЕСКИ СЕ ПОСТАВУВА ВО ДРАМСКИОТ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕБојаџи, Талески и Тасевски дел од екипата на денешната прва проба во Драмскиот театар. (Фото: Драмски театар)

    Нов текст на поранешниот битолски градоначалник, Владимир Талески, кој е и автор, актер и режисер, „Три сестри во Москва“, се поставува во Драмскиот театар во Скопје. Режисер е Јани Бојаџи, пробите почнаа денес, а премиерата се најавува за 17 декември. „Три сестри во Москва“ е праизведба на драмскиот текст на Талески.

    Во март годинава, претставувајќи ја Годишната програма, Драмски театар објави дека за оваа претстава се предвидени околу 14.500 евра (900. 000 денари).

    Талески,  кој ја извршуваше функцијата во три мандати од 2005 до 2017 година, во март 2020 беше првостепено осуден на осум години затвор во случајот „Транспортер“, поврзан со злоупотреби при организирањето на превозот на учениците во Битола. Во декември 2022 Апелацискиот суд во Скопје му ја намали казната на седум години затвор, со што пресудата стана правосилна. Во казната му беше пресметан и периодот од околу три години што го помина во домашен притвор.

    На 9 јануари 2023,  Талески беше спроведен во Прилепскиот затвор за издржување на казната. Во октомври 2024 година, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го помилува, намалувајќи му ја затворската казна за една година. По ова тој користеше и условен отпус.

    Против Талески се водеше и одделен судски процес, познат како „Транспортер 2“, поврзан со ученичкиот превоз во Битола и со изградбата на мостот Црн Мост. Во јануари 2024 година, Основниот суд во Битола му изрече уште две години затвор, но тогаш пресудата не беше правосилна.

    „Кога го слушнав насловот, првата помисла ми беше дали во светски рамки, во времето што го живееме има публика за Чехов, но кога го прочитав текстот на Талески, видов ‘сериозно добар драмски текст’, текст што ќе остави трага во националното театарско творештво“, изјави директорот Роберт Вељановски.

    Како што соопшти Драмски театар, Талески во емотивното обраќање на првата проба изјавил дека со многу возбуда влегува во овој процес од причина што текстот го работел неколку години и кога го понудил и бил одбран во Годишната програма на Драмски, го надвладеале личните емоции што ги има кон Драмски, каде што тој пред многу години ја играл својата дипломска и првата професионална претстава.

    „Очекувам премногу, во Драмски сè е поинаку, ретка е можноста во драматургијата да се потпирате на бесмртните ликови на Чехов, каде што чувствата, желбите, надежта и среќата на човекот се наоѓаат ‘малку подалеку од нас’, на друго место, надвор од нашето опкружување, каде што чекате додека соништата се распаѓаат, да создадете ликови што ќе ја ‘земат работата во свои раце’. Јас се обидов да ја вметнам страста и љубовта кон животот и низ една трагична театарска романса, ве поканувам со вашиот ентузијазам и карактерите што ќе ги изнесете на сцена, да оставиме длабока и убава театарска претстава“, рекол Талески.

    „Мојата режисерска визија е да создадеме претстава која ќе ги допре најинтимните жици на публиката, нудејќи им не само театарски чин туку и вистинско искуство“, рече Бојаџи.

    Играат актерите: Марија Кондовска (Олга), Јована Спасиќ (Маша), Ања Митиќ (Ирина), како и Лазар Христов, Игор Стојчевски, Сашо Тасевски, Огнен Дранговски (гостин од Битолски театар), Предраг Павловски, Нина Елзесер и Владимир Петровиќ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира