На Ива Михајлова, обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, ќе ѝ се суди во отсуство бидејќи не им е достапна на органите на прогонот. Вакво решение е донесено по предлог на Основното јавно обвинителство Кочани, а следното судско рочиште е закажано за 9 ноември 2026 година во 9 часот.
Станува збор за судски процес за тешката сообраќајна несреќа што се случи на 7 октомври 2025 година на патот Кочани–Штип, при директен судир на две возила. Во несреќата загина 33-годишен маж, а неколку лица беа повредени. Обвинителството ја товари Михајлова дека возела со недозволена брзина и преминала во спротивната коловозна лента.
Михајлова и нејзиниот правен тим ги оспоруваат овие тврдења. Според нив, другото возило преминало во нејзината лента обидувајќи се да заобиколи запрено полициско возило, па наведуваат дека таа е жртва, а не виновник за сударот. Во несреќата таа се здобила со тешки повреди на рбетот, а нејзиното семејство бараше таа да замине на лекување во Софија со образложение дека во земјава нема услови за третман на нејзината здравствена состојба.
Поради судскиот процес, на Михајлова претходно ѝ беа изречени мерки на претпазливост со кои ѝ беа одземени пасошите и ѝ беше забрането да ја напушта државата.
По нејзиното бегство во Бугарија, Михајлова и нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров на 11 октомври изјавија за бугарските медиуми дека границата ја поминале легално преку официјален граничен премин, како и дека македонските полициски службеници знаеле за кого станува збор, но им дозволиле премин. Од Министерството за внатрешни работи, пак, велат дека Михајлова не ја напуштила Македонија на легален начин.



